Пуштено во употреба ОУ „Киро Глигоров“ во Капиштец


Новоизграденото општинско основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во Општина Центар денеска и официјално е пуштено во употреба.

Со свеченост и пригодна програма во присуство на премиерот Зоран Заев, министри во Владата, општинското раководство, како и претставници на семејството на претседателот Киро Глигоров, според кој е именувано училиштето, тоа денеска почна со работа.

– Овој пример на Општина Центар треба да се следи и од другите локални самоуправи.  И вака ќе бидеме и како централна власт, но и како локална власт во иста насока за постигнување на заедничката цел, а тоа е квалитетен национален образовен систем, поквалитетно образование, подобри образовни инфраструктурни услови за сите и постигнување на што повеќе поголеми и попозитивни резултати, рече на свеченоста министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Училиштето почна да се гради во 2016 година, а изведбата на проектот е во вредност од 5,5 милиони евра. Изградено е  на површина од 12.100 квадратни метри, со дворна површина од 4.100 квадратни метри.  Има 21 училница, со акустика на простор, седум специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала според стандардите на ФИБА и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Името на училиштето „Киро Глигоров“ според првиот претседател на државава е избор на граѓаните преку анкета, по што согласност даде и Советот на општината.