Пуштен во употреба затворениот базен во Струга


 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на официјалното отворање на затворениот пливачки базен во Струга, кој по 20 години беше целосно реконструиран. Базенот беше реконструиран со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милиони евра.

„Од неколку присутни тука кога влегував слушнав иста реченица, а тоа е – ‘никој не веруваше дека базенот после 22 години повторно ќе биде направен и ставен во функција’. Им одговорив – Ако се работи, тогаш нема недостижна цел“, рече Ковачевски на свеченоста.

Затворениот пливачки базен е целосно реконструиран како дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт – „Изградба на 14 пливачки базени во Македонија“.

Комплетно е реконструирано базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација на делот од соблекувалните, фасадниот дел и покривот, а дограден е и мал помошен базен.

Во следниот период нови шест општини ќе добијат затворени пливачки базени. Во тек е изградбата на базените во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола, Карпош и Штип, чијашто изградба треба да заврши во текот на 2024 година. Во наредните две години базени ќе добијат и Струмица и Кавадарци, додека новиот базен во Тетово е завршен и предаден на Општината.

Вредноста на базените поединечно изнесува околу 48 милиони денари или 780 илјади евра.