Пуштен во употреба новиот гасен интерконектор Србија-Бугарија
Србија сега ќе може да купува гас на отворен пазар на седум терминали - рече Вучиќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ присуствува на одбележувањето на почетокот на работата на гасниот интерконектор Србија-Бугарија. Тој во Ниш беше домаќин на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, на претседателот на Бугарија Румен Радев и на шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Џофре.
„Ова е многу важно за нас, носи подобра иднина“, рече Вучиќ и ја истакна важноста на енергетската безбедност на Србија.
Србија сега ќе може да купува гас на отворен пазар на седум терминали – рече Вучиќ, а бугарскиот претседател прецизираше дека во моментов гас може да се купува на шест терминали, а од март ќе може да се купува и на седум.
Претседателот Алиев рече дека Србија и Азербејџан се стратешки партнери и дека двете земји забрзано ги развиваат своите односи.
– Мојот личен однос и пријателство со Александар придонесе за развој на соработката. Под негово водство Србија се развива, следејќи независна политика, која е политика која им служи на интересите на српскиот народ. Воодушевени сме од неговите достигнувања – рече Алиев.
Претседателот на Бугарија истакна дека ова е многу повеќе од инфраструктурен проект, дека е симбол на успешна и плодна соработка меѓу Србија, Бугарија и Азербејџан.
Тој посочи дека оваа соработка води кон одржлив економски раст во регионот и ја изразува волјата заеднички да ја градиме нашата „европска иднина“.
Шефот на делегацијата на ЕУ рече дека ЕУ силно го поддржала овој проект со цел „да се стави крај на зависноста на Србија од рускиот гас“.
Завршувањето на работите на гасоводот кон Бугарија ќе овозможи побезбедно и постабилно снабдување со гас за Србија од различни извори, особено од Азербејџан. Изградбата на нов гасовод во должина од 109 километри од Ниш до Димитровград траеше 12 месеци. Вкупната должина на двонасочниот гасовод Србија-Бугарија е 170 километри, од Нови Искар, кај Софија, до Ниш, пренесува Блиц.
View this post on Instagram
Србија потпиша договор за интерконекција со Булгартрансгас и комерцијален договор за снабдување до 400 милиони кубни метри гас од Азербејџан до крајот на 2024 година.
Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград – Бугарија е 85,5 милиони евра. Проектот е делумно финансиран преку грантови од ЕУ, во износ од 49,6 милиони евра, како и поволен заем од 25 милиони евра од Европската инвестициска банка, кој Србија ќе го плати за делот од гасоводот што минува низ Србија.
За овој проект Република Србија издвои 15 милиони евра и за подготвителни работи и проектирање 7,5 милиони евра.
Гасот сочинува 13 отсто од потрошувачката на примарна енергија во Србија и досега можеше да се добие само од две влезни точки, преку гасоводот Балкански тек и од Унгарија.