Пуштен во употреба мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани
Голема конгресна сала, сали за семинари, музејски простории, просторија со опреми за функционално уредување на мултимедијален туристички центар, како и простории со придружни содржини се дел од мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани, што денеска официјално беше пуштен во употреба, во рамки на манифестацијата „Вевчански карневал“.
Мултифункционалниот објект се простира на површина од 1.400 метри квадратни, сместен во реновираниот објект на старата училишна зграда.
– Станува збор за модерен објект, кој во себе ги задржал архитектонските обележја за да биде споменик на неговите градители, но истовремено има добиено и нова функција, соодветно на новите потреби. На Вевчани му подаруваме уште една знаменитост, која дополнително ќе ја зајакне и ќе ја унапреди вредноста на ова наше вековно место, истакна градоначалникот Спасе Кочовски, на официјалното пуштање на објектот.
Го носи името на инцијаторот на Вевчанската република, која денеска одбележува 30 години од создавањето.
– Ова свето место, овој наш роден крај, каде Господ ги излеал своите најголеми дарови има чест и гордост да сведочи за човек, кој го посвети целиот свој живот за остварување на длабоко хуманиот, вонвременскиот и секогаш современ вевчански идеал, одважно водејќи тешки долгогодишни битки од полза за нашето Вевчани. Како вистинска драгоцена реткост, како најсјаен бисер на колективното народно богатство, предводејќи го народот на Вевчани, овој човек прерасна во вистински народен трибун, чиј лик и дело буди неизмерна количина восхит, силни емоции, голема радост, љубов и солзи, рече Кочовски.
Институцијата, како што нагласи, е производ на една длабока визија, на Вевчани да му се подари место во кое ќе пулсира оптимизмот, напредокот и развојот на заедницата.
– Да го јакнеме и љубоморно да го чуваме вевчанскиот идеал, барем приближно онака како што тоа го правеше Коста Србакоски. Да продолжиме да бидеме место, кое е пример во залагањата за уште повеќе слобода и за уште повеќе демократија, така како што веруваше Коста Србакоски, истакна Кочовски.
Именувањето на објектот во „Коста Србакоски“ беше на иницијатива градоначалникот Кочовски, а со одлука на Советот на Општина Вевчани.
Во рамките на свеченоста, беше отворена изложбата на уметнички слики од Аница Ќитаноска, Никола Угриноски и Владимир Младеноски, а свој настап имаше и културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.