Пуштен во употреба експресниот пат Страцин-Крива Паланка
Со големи пофалби дека новата влада завршила огромен дел од работата денеска беше официјално пуштен во употреба експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, по што од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се патува за 40 минути.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на официјалното пуштање во употреба, рече дека на првата делница немало ставено ниту еден центиметар асфалт и откако тој дојде на функцијата изградбата многу се збрзала.
„Во јули 2024 година кога бев избран за директор на ЈПДП, на првата делница немаше ставено ниту еден сантиметар асфалт, а денес се фалат дека останале само завршните работи. Работите беа крајно забавени. Кога дојдов за директор на ЈПДП, за мене беше предизвик и затоа одлучив целосно да се посветам на овој проект и поставив цел да се заврши до крајот на 2024 година, задоцнивме само три дена“, рече Трајановски.
Посочи дека се планира и проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин и изградба на клучка кај Гиновци.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така присуствуваше на пуштањето во употреба на овој патен правец, рече дека овој пат не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку на граѓаните.
„Имаше и такви кои денес направија политичка промоција и наместо да им се извинат на граѓаните дека не успеале во изминатите шест години да направат нешто, денес истрчаа да соберат политички поени. Сакам да порачам дека ова е пат на граѓаните, ова не е пат ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Кредитот ќе биде враќан од парите на граѓаните и затоа никој не смее да го присвојува“, рече Мицкоски, иако директорот Трајановски си го припиша успехот на себе.
Пратеникот Благој Бочварски денеска изјави дека СДСМ го поздравува завршувањето на експресниот пат и нагласи дека тој проект беше започнат од претходната влада во 2018 и беше реализиран 90 проценти до средината на минатото лето.
Министер за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски оцени дека овој патен правец е витална артерија за поврзување со Бугарија и посака да се развиваат нови индустриски капацитети и да заживее источниот дел од државата.
Патоте во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска банка, а останатите се грант средства во висина од 13,50 милиони евра.
На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини. Изградбата е почната во мај 2018 година.