Пукнаа две брани во САД, евакуирани 10.000 луѓе од катастрофалната поплава


 

Околу 10.000 луѓе се евакуирани во централниот дел на Мичиген, во САД, откако пукнаа две брани, а поради поплавата прогласена е вонредна состојба.

По втор пат за помалку од 24 часа на семејствата во Мидленд им е наложено да се евакуираат, а водата утрово порасна за неколку метри и ги преплави улиците на градот.

Националната метеоролошка служба ги повика луѓето да се качат на повисоки предели и што подалеку од реката Титабаваси откако беа оштетени браните „Еденвил“ и „Сенфорд“ поради силните дождови.

„Во наредните 12 до 15 часови пониските предели на Мидленд може да бидат под три метри висока вода“, рече гувернерката.

Таа прогласи и вонредна состојба во округот Мидленд и ги повика жителите кои се наоѓаат во загрозените подрачја да пронајдат место за престој кај пријатели или роднини или пак да појдат во неколкуте слободни засолништа.

Таа исто така, ги повика луѓето да ги почитуваат мерките за заштита од корона вирус, како носење маски и држење дистанца.

„Ова не сме го виделе во округот Мидленд. Ако имате членови на семејството или некој сакан во друг дел од државата, веднаш одете таму“, рече гувернерката.

Браната „Еденвил“ е изградена во 1924 година, а државата во 2018 година процени дека е во задоволителна состојба. „Сенфорд“ пак, е брана изградена во 1925 година, а исто така има преодна оценка. Двете се предмет на продажба.