Пукање во бродска компанија во Атина. Четворица мртви


Четири лица го загубија животот денеска во престрелка во просториите на бродска компанија во предградието на Атина, меѓу кои и напаѓачот кој се самоуби, соопшти полицијата.

Напаѓачот утринава упаднал во седиштето на European Product Carriers, отворил оган и покосил три лица, двајца мажи и една жена, а потоа се забарикадирал во подрумот каде што бил пронајден мртов. До него лежело оружјето употребено во нападот.

Идентитетот на напаѓачот не е откриен
„Според првите информации се чини дека се самоубил“, соопштија од полицијата. Мажот, чиј идентитет не е откриен, грчките медиуми го претставија како поранешен вработен во компанијата во атинското предградие Глифада, кој добил отказ.

Поморската компанија European Product Carriers е основана во 1979 година и има флота од 35 бродови, од кои повеќето се нафтени танкери. Покрај пристаништето Пиреја, бројни грчки бродски компании имаат свои канцеларии во Гифада, крајбрежна област јужно од Атина.