Пукање меѓу мигранти кај Хоргош – приведени над 100 лица


 Полицијата и жандармеријата во Полициската управа на Кикинда приведоа повеќе лица за кои се сомничи дека имаат поврзаност со ноќешната вооружена престрелка во Хоргош, но и со нелегалниот шверц на мигранти, а оваа акција ќе продолжи и во наредниот период, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Како што јави допиисникот на МИА од Белград, припадниците на МВР, ударните оперативни групи од Кикинда и Суботица, како и на овие полициски управи, заедно со жандармеријата, веднаш по пријавата дека мигранти се движат по улицата и пукаат меѓу себе во реонот на Хоргош, почнаа со детално пребарување на теренот и на лице место затекнаа шест мигранти, меѓу кои еден на возраст од околу 20 години со две прострелни рани во градниот кош.

По известувањето дека мигрантите пукаат меѓусебно во реонот на Хоргош, полицијата го пребарала теренот и привела повеќе од 100 лица. Потрагата на теренот во која учествуваат специјални сили, хеликоптери и беспилотни летала се уште е во тек.

-Сите граѓани се исплашени и нервозни. Ова ни се случува постојано од 2015 година и веќе седум години живееме во страв, изјави за N1 Олга Стојановиќ од Хоргош.

„На неколку улици се слушаше пукање. Секоја минута слушавме пукотници на друга улица, а потоа дојде жандармеријата. Цела ноќ беа на теренот. Сега ситуацијата е мирна. Се чувствуваме безбедно кога тие се таму“ кажа Стојановиќ.

Таа додаде дека инцидентите се чести, бидејќи во близина има место каде унгарските безбедносни сили ги враќаат во Србија илегалните мигранти што ги фаќаат на територијата на таа земја. 

 

 Кај Хоргош приведени околу 600 мигранти, акција и во Белград

 Повеќе од 600 илегални мигранти се приведени во областа Хоргош и Суботица по судирите меѓу две групи и престрелките што се случија во четвртокот вечерта, објавија белградските медиуми. Приведените мигранти најверојатно ќе бидат транспортирани во бегалските центри на југот на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Полицијата и жандармеријата го пребаруваат реонот околу Хоргош и границата со Унгарија, а во акцијата е запленето и оружје.

На местото на настанот пристигна и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ кој имаше средба и разговор со мештаните за да ги смири.

-Нулта толеранција кон секој кој го злоупотребил нашето гостопримство. Животите и имотот на српските граѓани ќе бидат заштитени, рече Гашиќ.

Порталот Нова.рс објави дека во местото Хоргош биле забележани празни автобуси, а се претпоставува дека ќе се користат за превоз на мигранти.

Како што јави Танјуг, полицијата спроведува акција и во Белград. Пред Економскиот факултет се гледаат два полициски комбиња, додека во паркот пред таа институција, кој од 2015 година е често собиралиште на мигрантите, има неколку десетици од нив, опколени од полицијата.