Публиката танцуваше на „Кантон 6“ на „Катовице ЏезАрт Фестивалот“


Фото: Т. Макула

Во концертната сала на Катовице Миасто Огродов (Katowice Miasto Ogrodów), иако седната, публиката танцуваше за време на настапот на „Кантон 6“ кој ја одушеви со современиот електро-џез, комбинација на електроника и тромбон во живо и музика инспирирана од автохтониот бит и фолклор на нашата земја. За впечатливоста на настанот придонесе и адекватната визуелизација од архивски снимки од Скопје и кореографирани изведби на македонски танци и ора.

Кантон 6 е првиот македонски состав кој настапува во рамки на програмата на овој признат фестивал, кој минатата година ја доби наградата за „Музика и заедница“ на Европската џез мрежа (European Jazz Network Award for Music & Community).

Фото: Т. Макула

Гостувањето на „Кантон 6“ на Катовице ЏезАрт Фестивал беше поддржано од европскиот проект „МОСТ“ во програмата за размена на фестивали („FEX-Festival Exchange“) и се реализира како соработка помеѓу Катовице ЏезАрт Фестивал („Katowice JazzArt Festival“) од Полска и Крај Вардарот Џез Фестивал од Македонија.

Токму како дел од оваа соработка, на 18 мај во Филхармонија, на четвртото издание на Крај Вардарот Џез Фестивал ќе ни гостува полскиот составот „Перфорто“ од Катовице.

Кантон 6 е пионерски музички проект кој датира од 2000-та, предвесник на техно-џез-рок кросоверот во земјава, развиен од Мирко Попов и Синиша Евтимов. Со бројни сингл и ЕП изданија, и 2 студиски албуми во овој состав, Кантон6 се трансформира во вистинска лајв – електро атракција. Од 2019 година Кантон6 активно работи како Трио во соработка со џез музичарот Владан Дробицки. Со извонредно впечатлив настап во живо, Кантон 6 како електро-џез-етно состав создаваат современа музика инспирирана од автохтониот македонски бит.  Истата година соработуваат со Гербрудер Теихман (Gebrüder Teichmann) од Берлин со кои издаваат албум во живо “Interactive Music Lab (Skopje Session)”. Во 2021 година го издаваат нивниот последен студиски албум #Jazzus. Кантон6 имаат фреквентна концертна активност во земјата и надвор неа. Освен на Катовице ЏезАрт Фестивал имаат настапувано и на фестивалите: Диес (Le festival DIÈSE) во Дижон, Франција, Интернационален ЏезФест во Крагуевац,  Карусел фестивалот за амбиентална и етно музика во Чачак, Зеленковац Џез Фест во Босна и Херцеговина, Прилепски Џез Фестивал, ПМГ Рекордингс Фестивал, Аларма Панк Џез фестивалот во Софија и др.