„Птицата е ослободена“, твитна Маск по преземањето на Твитер


Американскиот милијардер Илон Маск утринава на Твитер, по неколкумесечни преговори со акционерите, објави дека и официјално станал сопственик на социјалната мрежа – „птицата е ослободена“.
По преземањето на Твитер, Маск само накратко напиша: „птицата е ослободена“, без никаков друг коментар.

Тој претходно по преземањето на Твитер објави дека сака да ги „победи“ спам-ботовите и јавно да ги стави на располагање алгоритмите кои одредуваат како содржината им се презентира на корисниците и спречуваат платформата да стане место на омраза и поделби.

Откако ја презеде компанијата, Маск отпушти неколку менаџери во компанијата и најави дополнителни отпуштања, пренесе Ројтерс.

Меѓу отпуштените се извршниот директор на Твитер Параг Агравал, финансискиот директор Нед Сегал и шефот за правни прашања и политика Виџај Гаде.

Агравал и Сегал беа во седиштето на Твитер во Сан Франциско кога беше склучен договорот и беа спроведени надвор, додаваат извори за Ројтерс. Твитер, Маск и отпуштените директори не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Маск ги обвини претходните лидери дека го доведоа во заблуда него и инвеститорите за бројот на лажни сметки на платформата, како и дека не му даваат јасни аргументи за тоа како да ги постигне високите амбиции што ги има со влијателната социјална платформа.

Маск рече дека сака да ги победи спам-ботови на Твитер, да ги направи јавно достапни алгоритмите кои одредуваат како содржината ќе им биде претставена на корисниците и да спречи платформата да стане комора за омраза и поделби.

Маск не понуди детали како ќе го постигне сето ова и кој ќе ја води компанијата. Тој најави и отпуштања, поради што околу 7.500 вработени на Твитер се загрижени за својата иднина, пишува Ројтерс.

Илон Маск претходно во четвртокот изјави дека сака Твитер да стане најпочитуваната рекламна платформа, што беше протолкувано како обид да се стекне довербата на огласувачите пред очекуваното купување на социјалната мрежа, а истовремено рече дека со оваа аквизиција сака да помогне на човештвото.

Маск, ко-основачот на Твитер Џек Дорси и други инвеститори претходно предложија дека сакаат да ја тргнат социјалната мрежа подалеку од рекламирањето и да генерираат приходи преку претплати и други средства. Самиот Маск еднаш напиша дека мрази рекламирање.

„Има многу шпекулации зошто го купив Твитер и што мислам за рекламирањето. Повеќето од нив не се во право. Во суштина, Твитер сака да биде најпочитуваната рекламна платформа во светот која го зајакнува вашиот бренд и носи раст на бизнисите“, напиша Маск, најбогатиот човек во светот и извршен директор на Тесла.

Инаку, повеќе од 90 отсто од приходите на Твитер во вториот квартал од оваа година се од реклами.

Во четвртокот Маск исто така рече дека очигледно не може се да се напише на Твитер без последици, но дека сака платформата да биде добредојдена за сите.

Маск, самопрогласен апсолутист за слободата на говорот, во мај изјави дека ќе ја укине забраната на Твитер за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој беше отстранет од мрежата во јануари минатата година поради стравувања од поттикнување насилство откако неговите поддржувачи упаднаа во Капитолот на Вашингтон.

Според Ројтерс, стекнувањето на Твитер од Маск претставува кулминација на сагата полна со пресврти, каде што се сомневаше дали мултимилијардерот ќе може да го затвори договорот.

Во пролетта, Маск понуди да ја преземе платформата за 54,20 долари по акција, вреднувајќи ја на 44 милијарди долари. Управниот одбор на социјалната мрежа, најпрвин многу неволно, на крајот ја прифати понудата.

Но, каприциозниот претприемач еднострано го отфрли овој договор во јули, а Твитер покрена правна постапка за да го принуди да ја почитува својата обврска.

Конечно, на почетокот на октомври, судот во американската сојузна држава Делавер нареди прекин на тужбите на Твитер против Илон Маск и му даде време да го финансира своето преземање, а трансакцијата на тој начин мораше да биде склучена до 13 часот денеска по средноевропско време.