ПСЖ славеше над Веспрем за бронза на ракометниот „фајналфор“ во Келн 


Ракометарите на Пари Сен-Жермен (ПСЖ) триумфираа над екипата на Веспрем со 31:26 (14:11) во натпреварот за третото место на завршниот „фајналфор“ турнир во Лигата на шампиони.

Унгарците подобро го отворија натпреварот во Келн и откако поведоа со 3:0 и 5:2 ја одржуваа предноста во првите 20 минути.

Францускиот шампион прв пат стигна во водство 21. минута со 8:7 и од тој момент не ја испушти предноста до самиот крај на мечот.

Францускиот тим до победата го предводеа Недим Ремил и Елохим Пранди со по шест голови, додека Микел Хансен постигна гол помалку.

Во унгарскиот состав најефикасен беше Мате Лекај со девет голови.

Триумфот во „малото финале“ на францускиот првак му донесе парична награда од 150.000 евра, додека ракометарите на Веспрем добија чек во износ од 100.000 евра.

Новиот европски првак ќе биде познат вечерва по натпреварот меѓу Барселона и Кил.