Психијатри со отворено писмо до Фицо: Промени го однесувањето или замини од политиката


Повеќе од стотина психијатри и психолози го повикуваат премиерот Роберт Фицо да го промени своето однесување и од него бараат да размисли за заминување од политиката. Тие се огласија затоа што се загрижени за заканата за демократијата во Словачка, а премиерот во отворено писмо ги обвини дека шират заговори и лаги, а со тоа го поларизираат општеството.

Според авторите на писмото, професорите Јозеф Хасто и Антон Херетик, агресивноста и емотивната експлозивност на премиерот во јавните настапи станале поизразени по атентатот. Психијатрите понатаму истакнуваат дека неговото политичко однесување доведува до фрустрација и незадоволство кај голем дел од словачкото население. Сè повеќе луѓе размислуваат да ја напуштат земјата, дури и од лични причини, бидејќи не сакаат да живеат таму каде што државната политика се карактеризира со таков степен на презир, потсмев и агресија.

Слично писмо до граѓаните и политичарите упати и Словачката комора на психолози. Меѓу другото предупредуваат на опасното нормализирање на насилството. Тие потсетуваат дека доколку политичарите го одобруваат или толерираат, покажуваат дека таквото однесување е нормално во општеството. Еве што стои во писмото на психијатрите и психолозите:

Заканата за демократијата во Словачка и меѓународната положба на нашата држава нè наведува да ги изразиме нашите ставови за вашето политичко однесување и јавен настап. Однапред нагласуваме дека не сакаме да ја оценуваме вашата личност и се фокусираме само на однесување од јавно достапни извори.

Вашето политичко однесување се карактеризира со зголемен степен на мачо-авторитарен стил, манипулација со факти, измами, клевети и напади врз политичките противници, новинарите и обичните граѓани кои изразуваат несогласување со вашите политики. 

Нечесно им зборувате на младите кои се спротивставуваат на вашата политика, со потсмев судите за тенот на млад човек, му испраќате далечни „образовни шамари“ на студентот кој одбил да му подаде рака на политички претставник што не го почитува, и тоа вие што на вашите политички манифестации со сопартијците ја поттикнувавте толпата да користи вулгарни знаци кон тогашниот претседател.

Вашето политичко однесување и прокламирани позиции го поларизираат општеството и влијаат на емотивната атмосфера во него. Тие доведуваат до фрустрација и незадоволство на голем дел од населението на Словачка. Се повеќе луѓе размислуваат да ја напуштат државата, не само поради работни или студиски причини, туку и од лични причини. Тие не сакаат да живеат во земја каде што државната политика се карактеризира со таков степен на презир, потсмев и агресија.

Вашата внатрешна политика главно е насочена кон зајакнување на вашата моќ, на вашата  партија и на коалициони партнери. Во земја која заостанува во развојот на инфраструктурата. Во земја во која состојбата со образованието и здравството е лоша, во области каде што професионално работевме цел живот, сега не вреди да се сметаат за „премиерски теми“. Ги поддржувате луѓето кои шират заговори, клевети и лаги и ја уништуваат нашата култура.

Уште повеќе сме загрозени од вашите надворешнополитички иницијативи, кои често се во директен судир со политиките на ЕУ и НАТО, чиј член е и Словачка. Во војната на Русија против Украина, правите нејасно кој е бруталниот агресор, а кој е жртвата што се брани.

Погрдно зборувате за демократски избраниот претседател на Украина, кој веќе трета година води нерамноправна војна против окупаторите. Не се двоумевте  да отпатувате во Москва и да му подадете рака на рускиот претседател, кој сноси политичка и морална одговорност за смртта на десетици илјади луѓе. Не само војници, туку и цивили, вклучително и деца и нивно киднапирање. Русија ја уништува инфраструктурата на земјата, напаѓајќи цивилни домови, училишта, болници и театри. Ги охрабрувате и вашите сопартијци и коалициони партнери да преземат слични чекори кон рускиот империјализам.

Се чини дека агресивноста и емотивната експлозивност во вашиот јавен настап се нагласени по атентатот врз вашата личност. Недвосмислено го осудуваме овој чин како акт на политичко насилство. Несомнено сте доживеале опасен по живот стрес, кој исто така може да влијае на вашето функционирање во иднина.

Претпоставуваме, господине премиер, дека знаете дека ова не е прво писмо од експерти за ментално здравје до премиер на државата. На 12 мај 1998 година, огромното мнозинство од учесниците на словачкиот психијатриски конгрес во Кошице потпишаа писмо до Владимир Мечиар. Многу од резервите за неговата политика содржани во писмото се однесуваат на слични теми, особено за заканата за демократијата и вклучувањето на земјата во европските и трансатлантските структури.

Во актуелната политичка ситуација не сакаме да чекаме да се одржи следниот психијатриски конгрес“, стои во отвореното писмо.