Првпат воведена е-трговија во Пошта – онлајн нарачки со можност за испорака до адреса


 АД „Пошта на Северна Македонија“ викендов ја воведува опцијата за е-трговија, односно можноста секој заинтересиран граѓанин да направи онлајн нарачка-подарок кој ќе се испорачува на саканата адресан за време и по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.

Како што информираат од АД „Пошта на Северна Македонија“, процедурата е едноставна, брза и безбедна. Сите заинтересирани граѓани за користење на оваа услуга треба да ја посетат официјалната веб страница на Пошта: www.posta.com.mk. Потоа одбираат еден или повеќе од понудените подароци, внесуваат свои, како и контакт податоци, вклучително и адреса каде сакаат да биде доставен подарокот. Дополнително, постои и можност за пишување и персонализирана порака која во оргинална форма ќе се отпечати и достави до примачот.

Наплатата, како што стои во соопштението од АД „Пошта на Северна Македонија“, е целосно безбедна, а се одвива преку онлајн системот на деловниот партнер на Пошта, Халкбанк. Цената на достава за подароците е унифицирана и изнесува 80 денари, а важи за територијата на целата држава.

Ова е првпат националната Пошта да овозможува ваква опција, а целта и фокусот и во следниот период ќе биде дигитализацијата на целокупниот процес на услуги на Пошта, каде е-трговијата ќе зазема еден од централните улоги.

-Процесот на подобрување на работењето на Пошта во иднина сè повеќе ќе се заснова на користењето на современи дигитални алатки, како и преку засилена соработка со поштите од регионот, но и преку меѓународната поддршка која како компанија ја очекуваме, велат од АД „Пошта на Северна Македонија“.