Првомајска трка со магариња и коњи во Стојаково


Богданското село Стојаково е пример дека традицијата што грижливо се негува и чува трае навистина долго. Пример за тоа е трката со магариња и коњи, која денеска се одржа по 68. пат.

– Трката се одржува секогаш на 1 мај, а почна да се организира од далечната 1951 година. Токму по нејзината атрактивност селото стана познато и за Денот на трудот почна да привлекува голем број домашни и странски гости кои во Стојаково секогаш ќе бидат добредојдени – велат од советот на месната заедница, кој е организатор на настанот.

Покрај трката со магариња и коњи, последната деценија настанот се збогати со трки на 100 и 3.000 метри во женска и машка конкуренција, скокање со вреќи, трка со велосипеди и влечење на јаже.

За најдобрите тројца натпреварувачи во секоја категорија, организаторите обезбедија скромни награди што ќе ги потсетуваат за нивниот придонес во одржувањето и негувањето на седумдецениската традиција во Стојаково.