Првоаприлски старт на претседателската кампања: Нема да се лажеме!!!


Предизборната кампања за претседателските избори закажани за 21 април и официјално почнува денеска – на денот на шегата или како што го нарекуваат некои – денот на лагата. Совпаѓањето на двата датума беше џек-пот во рацете на граѓаните за дополнителна тривијализација на предизборната трка со оглед на нивната разочараност и изневереност во поглед на големиот број нереализирани ветувања кои секојдневно ги слушаат, но најинтензивно за време на политичките кампањи.

Во духот на празникот денеска на тројцата претседателски кандидати може и да им се прогледа низ прсти, но проблем е, велат политичките посматрачи, што за очекување е денот на „лицата со маски“ да има свое продолжение збогатено со манипулации, измами, прикажување лажни факти, прикривање на вистината, разно-разни подметнувања креирани од „политичкото подземје“ во желбата да се профитира и потребата да се создаде добра слика за себе.

Но професорскиот трилинг Стево Пендаровски, кандидат на владејачката партија СДСМ и коалицијата, единствената дама Гордана Силјановска-Давкова која е џокерот на ВМРО-ДПМНЕ, како и Блерим Река зад кого застанаа Алијансата на Албанците и движењето Беса, ветуваат нешто сосема друго – фер натпревар, а не трка за живот и смрт.

Во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) тие вчера потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Ваквите документи не се новина, напротив, тие се практично дел од сите изборни циклуси. Но досега се покажа дека тоа е само добро напишан текст кој не служи за ништо – останува мртво слово на хартија, а реалноста е сосема поинаква – се користат сите расположливи средства да му се нанесе непоправлива штета на политичкиот противник. Моралниот и етичкиот компас се докажа дека не се штима со пенкало. Тажен е, конечно, и самиот факт дека на оние што мора да бидат пример треба да им се пропишува Кодекс!

Пендаровски, пак, тврди дека овие избори ќе бидат своевидна пресвртница во поглед на неопходниот цивилизиран судир на два различни политички концепти.

„Иако сме биле сведоци на претходни изборни процеси во кои едно се потпишувало, а друго се правело во мое име, а убеден сум и во името на моите формални противкандидати, можам да гарантирам дека ова што денеска го потпишавме и практично ќе го спроведуваме на дело. Тоа значи обврска и за политичките структури и граѓаните што ќе нè поддржуваат. Немам никакви дилеми дека ние тројцата ќе направиме сè да останеме во рамки на една демократска борба каква што доликува на една држава што е де факто членка на НАТО и очекувам наскоро да стане и членка на ЕУ“, рече Пендаровски.

Силјановска-Давкова посочи дека претстојните претседателски избори се исто толку важни, а можеби и поважни од правото и правдата поради што, додаде, строго ќе се држат до нив.

„Соучесниците на изборите не ги сметам за непријатели, а нам жените не ни приличи да не ја почитуваме етиката. Иако сум жена, очекувам витешка борба со аргументи, а не со византиски игри и се надевам дека последниот збор ќе го имаат граѓаните“, рече Силјановска-Давкова.

Тројцата кандидати добро се познаваат и сите се колеги, универзитетски професори. Затоа Блерим Река, како што самиот рече, не очекува дека претседателската трка ќе биде трка за живот и смрт, туку ќе биде трка која можеби ќе отвори нова страница во изборната историја.

„Влегуваме во едно ново искушение за државата и мислам дека не е главно кој ќе победи, туку е важно резултатот да биде законски и регуларен и со тоа да обезбедиме датум за почеток на преговори со Европската Унија“, потенцира Река.

Тој им посака успех и на своите двајца противкандидати и додаде дека ќе победи тој што е најдобар, но нагласи дека е најбитно што ќе ги исполнат обврските од Кодексот што го потпишаа.

Партиите во суштина се постојано во кампања – или во изборна или во предизборна година. Тоа се рефлектира, според познавачите, во нивните јавни настапи и комуникацијата со гласачите. Без оглед што официјалниот старт е закажан за денеска, и Пендаровски и Силјановска-Давкова веќе дебело се загазени во кампања. Низата средби со граѓаните во десетиците градови што тие ги имаа во изминатиов период, иако не се претставуваа како официјално предизборни, тие де факто беа тоа. Од денеска комуникацијата со граѓаните ќе биде малку поинтензивна, а ќе стартува и платеното политичко огласување и рекламирање, за што секој од нив ќе добие по 3,3 милиони евра од ДИК. Активностите на терен, пак, ќе си ги финансираат партиите кои ги номинираа, освен во случајот со Блерим Река. Иако тој е поддржан од Алијанса за Албанците и од движењето Беса, кампањата, според неговите претставници, ќе се финансира само со пари од донации.

Кандидатот на владејачката коалиција Пендаровски ќе ја започне својата кампања со митинг во Прилеп. Пред централниот настан е предвидено тој да има средби со граѓаните на Пласница, Македонски Брод, Долнени и Кривогаштани. Пендаровски, исто така, ќе учествува на отворена трибина со граѓаните на Крушево на која ќе се приклучи и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Блерим Река првиот митинг ќе го одржи во Скопје, а Силјановска-Давкова од вообичаената стартна изборна дестинација на ВМРО-ДПМНЕ – Охрид. Во придружба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и актуелниот шеф на државата, Ѓорге Иванов, минатиот месец таа веќе беше во посета на Охрид, истиот ден кога во градот беше и Пендаровски.

„Не се секирајте, се разминавме“, ќе напише Силјановска на „Твитер“ во духот на вчерашниот Кодекс.

 

Дерковски: Ако нема цензус – веднаш нови избори

Ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, вели претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

„Ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, односно претседателот на Собранието треба да распише нови избори. На тие избори може да учествуваат и кандидатите кои сега учествувале доколку бидат поддржани од своите поддржувачи, како што е сега случајот од група избирачи или од најмалку 30 пратеници или можат да бидат други кандидати. Значи, нема ограничувачки фактор во таа смисла, меѓутоа треба веднаш да се распишат и одржат изборите“, вели Деркоски во викенд интервјуто за Радио Слободна Европа.

На прашање дали е реална бројката од 1,8 милиони избирачи во државата која има два милиони жители, Деркоски појаснува дека Изборниот законик вели дека граѓанин има право на глас доколку наполнил 18 години и има државјанство на нашата држава.

„Тоа значи дека сите оние што имаат државјанство, а се полнолетни, без разлика дали живеат во нашата држава или се надвор некаде, имаат право на глас. Тука се јавува таа разлика и не треба да ги спојуваме бројот на жители со бројот на запишани избирачи. Ако се потрудите да добиете бројка од Министерството за внатрешни работи, ќе видите дека некаде околу 2,5 милиони е бројот на државјанства издадени од Министерството и ако од таа бројка ја извадите бројката на малолетни лица, тогаш бројката што ја имаме на Избирачкиот список во ситуацијава од 1.808.131 гласач е сосема реална бројка. Има повеќе примери во светот каде што бројката на запишани избирачи е поголема од бројката на жителите. Еден таков сличен пример е Република Грција, каде што имате запишани речиси 11 милиони гласачи, а државата има речиси толку и број на жители“, објаснува Дерковски.

Наум Котевски

Фото: Б. Грданоски