Прво зачленување во НАТО, па распуштање на парламентот


Премиерот Зоран Заев пресметал дека заокружувањето на процедурата за официјално членство на Северна Македонија во НАТО нема да се наметне како причина за можно пролонгирање на изборниот термин, што партиските лидери го договорија за 12 април следната година.
Проценките на Заев се дека Шпанија ќе стигне во текот на декември да го ратификува протоколот за членство на нашата земја во Алијансата, откако стана извесно дека тоа нема да се случи до самитот во Лондон на 3 и 4 декември, затоа што во тоа време се очекува и конституирањето на новиот состав во парламентот во Мадрид, по вонредните парламентарни избори во земјата што ќе се одржат на 10 ноември. Се очекува Шпанија да биде последната од 29 членки на НАТО што ќе го ратификува Протоколот, по што тој треба да заврши во седиштето во Вашингтон, со што и официјално ќе биде прогласено влегувањето на Северна Македонија како 30. членка. Во меѓувреме, Протоколот за НАТО треба да биде усвоен и во македонскиот парламент. Според проценките, тоа би се случило до распуштањето на овој собраниски состав, односно пред распишувањето на десеттите парламентарни избори.
Заев изјави вчера дека нема потреба да се разговара за евентуално одложување на изборите, поради официјализирањето на членството во НАТО, што, како што рече, ќе се реализира во јануари или во февруари. Одговарајќи на прашање во врска со изјава на Артан Груби од ДУИ дека на лидерската средба имало договор ако земјава не стане официјално членка на НАТО изборите да се одложат, премиерот рече дека зачленувањето е извесно и тоа ќе се случи набрзо откако во декември Протоколот ќе го потпише и Шпанија, каде што претстојат парламентарни избори и конституирање на нов парламент.
– НАТО ќе биде, тоа е јасно. Сè што се разговараше во врска со НАТО на лидерската средба беше како тоа да го осигуриме. Со ратификација на Протоколот во нашиот парламент, останува само депонирањето во Вашингтон, и тоа е членството во НАТО. Нема одлуки, нема гласање, што значи нема ни разочарување, ниту друг ризик за нашата земја – нагласи премиерот.
Тој смета дека, за да се остави простор да завршат сите процедури околу зачленувањето во НАТО, македонскиот парламент би требало да се распушти 45 дена пред одржувањето на изборите, што би значело кон крајот на февруари. Сепак, одлуката за тоа кога ќе се одржи седницата за распуштање на парламентот, формално, ја носи првиот парламентарец, кој потоа треба да ги распише и изборите. Според Уставот, во случај на распуштање на парламентот, (вонредни) избори се одржуваат во период од 60 дена од тој чин. За најкус рок, во кој може да се спроведат сите изборни дејствија, пак, се смета периодот од 45 дена од датумот на распуштање на парламентот. Од денот на распишување на изборите, во случајот веднаш по распуштањето на Собранието, почнуваат да течат сите изборни рокови, вклучително со забраните за предизборни вработувања, рекламирања и субвенционирања од државата.
Според Заев, би било несериозно да немаме парламент кога ќе стигне „конечниот протокол“, што премиерот на државата треба да го потпише со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Заев, како премиер, ќе присуствува на декемврискиот самит во Лондон, каде што, според информациите, на масата на НАТО за него е определено место меѓу Столтенберг и американскиот претседател Доналд Трамп. Но, според „изборниот роковник“, тој на почетокот на јануари ќе треба да ја напушти премиерската функција, за да овозможи избор на техничка влада – 100 дена пред изборите. Поради тоа, мошне веројатно е дека „конечниот протокол“ со генералниот секретар на НАТО ќе го потпише техничкиот премиер, за кој СДСМ, како што се најавува, изборот ќе го направи кон крајот на годинава.
Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, вчера, на прашање дали таа ќе биде новиот технички премиер, одговори дека за тоа прашање ќе се ќе се води дискусија кога ќе дојде моментот.
– Занимавање со прашање кое што е техничко ни ги троши времето и енергијата. Фокусот сега мора да ни биде на работи што опозицијата како да сака да ги одолговлече НАТО е наша точка на кохезија, меѓутоа членството во НАТО значи и наши обврски што сме ги презеле. Тоа значи ратификација на НАТО протоколот, измени во законите за одбрана и за служба во армијата. Очекувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да става сопки на тој успех што го издејствувавме. За жал, добивам само молк дали ќе го поддржат или не двотретинскиот закон за одбрана – рече Шекеринска.


Заев – кандидат на СДСМ за уште еден премиерски мандат

Премиерот Зоран Заев цели кон уште еден мандат на чело на Владата по предвремените избори на 12 април. Тој потврди вчера дека и во оваа изборна кампања, како и во 2016 година, ќе настапува како кандидат на СДСМ за премиер. Рече и дека на политичко ниво тој ќе ја води кампањата на владејачкиот СДСМ за десеттите парламентарни избори.
– Јас ќе ја водам кампањата, јас ќе бидам кандидат за премиер, но за тоа на крајот ќе треба да одлучат органите на партијата и коалицијата. Јас сум радосен што ќе и се посветам на партијата. Ќе се посветам за да се понудам уште еднаш на граѓаните. Јас барам нов, чист, цел мандат за да продолжиме со реформите и процесите. Сега топката е кај граѓаните и тие ќе ја дадат насоката по која треба да се движиме. СДСМ ќе излезе со модернизарен тим и модернизирана програма – рече Заев.

Во врска со тоа дали актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе му го „чува“ местото на Илинденска, Заев најави одговор на крајот на оваа година.

– Јас би го повлекол и Спасовски во партијата, заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски, за да ја истрчаме кампањата. Спасовски бил секретар и има искуство, но истовремено треба да внимаваме и на државните работи за првите тимови на одговорност – рече Заев.
Посочи дека немаат ниту причина ниту обврска брзо да одлучуваат.
– На крајот на декември ќе ја донесеме одлуката на координација во СДСМ, а потоа и со партнерите од коалицијата, за тоа кој ќе биде технички премиер и кои ќе бидат дополнителни заменици во внатрешни работи и во труд и социјална политика. Опозицијата, пак, ќе одлучи за своите места – нагласи Заев. (А.М.М.)