Прво полуфинале на Евросонг


Денес е првото полуфинале на Евросонг во Тел Авив, со настап на 17 земји, кои заедно со Франција, Израел и Шпанија ќе можат да гласаат во ова полуфинале.

Вечер настапуваат Кипар, Црна Гора, Финска, Полска, Словенија,Чешка, Унгарија, Белорусија, Србија, Белгија, Грузија, Австралија, Исланд, Естонија, Португалија, Грција и Сан Марино.

Во второто полуфинале, задутре, кога настапуваме и ние (17. по ред), ќе учествуваат 18 земји, кои заедно со Германија, Италија и Велика Британија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во финалето, на 18 мај, 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 41.

Мотото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

Нашата евровизиска претставничка Тамара, облечена во црно здолниште во комбинација со црно сако-дизајн на Александар Ношпал, фатена коса и црни очила за сонце, прошета во неделата на портокаловиот килим на плоштадот „Хабима“ со сите учесници и изјави дека е подготвена за полуфиналето на 16 мај. Таа веќе одржа две проби.

Шеесет и четвртото издание ќе има 41 учесник. Бугарија се откажа поради финансии, а потоа и Украина.

Aвтори на евровизиската песна „Proud“ на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров, кои се дел од евровизискиот тим во Израел.

Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.

На Евровизија таа првпат настапуваше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.

Последниот македонски претставник што избори пласман на евровизиско финале беше Калиопи во 2012 година.

МРТВ ќе врши директни преноси од сите три вечери, со почеток во 21 часот.

 

Холанѓанецот и Италијанецот се фаворити

Од музички аспект повторно ќе има квалитетна понуда, но секако и по некоја „заскитана“ нумера. Како и секогаш во пресрет на настанот, први индикатори за финалниот резултат се квотите во обложувачниците.

Сепак, некогаш се случува и да има отстапувања во бројките, па и во рангирањето. Актуелни фаворити се Холанѓанецот Данкан Лоренс, Швајцарецот Лука Хени и Италијанецот Махмуд. За германските претставнички Карлота и Лаурита, кои настапуваат под името „Систерс“, шансите не се големи – за нив се типува дека ќе заземат некои од последните места. Но, ако во живо покажат добра изведба, може да се сврти листот за младите пејачки. Така беше и со Михаел Шулте во 2018 во Лисабон, кој на почеток беше третиран како аутсајдер, но во деновите пред финалето стана еден од омилените изведувачи и стигна дури до четврто место.

 

Хајтек-сцена

 

Без оглед колку е добра песната, или талентиран изведувачот, сепак, на крај пресуден е сценскиот настап. Љубителот на Евровизија веќе со недели ги знае песните на сите 41 учесник, но перформансот во живо до почетокот на пробите беше добро чувана тајна. Тоа што во Тел Авив од почеток беше јасно: скромноста од Лисабон попусто ќе ја барате. Во 2018 бината и светлосните ефекти беа многу едноставни.

За 2019 германскиот сценски дизајнер Флоријан Видер доби други насоки: бината да биде уникатна, иновативна и хајтек. Видер, кој со години е задолжен за дизајнот на бината за Евровизија, желбата им ја остварил на многу впечатлив начин.

 

Специјални гости: Мадона, Дана Интернешенел, Манс Зелмерлев…

 

Секое шоу има дел од програмата кога се поканети звучни имиња како гости. Па така, фановите на Евровизија може да се радуваат на повторна средба со Дана Интернешенел и Вера Сердушка. Други ѕвезди како Кончита од Австрија, Манс Зелмерлев од Шведска и Елени Фуреира од Кипар ќе си ги разменат песните и тоа ќе биде хајлајт за музичките гурмани.

Минатогодишната победничка Нета ќе го отвори шоуто, а в петок ќе биде кулминацијата со настапот на поп-ѕвездата Мадона во Тел Авив.