Прво полуфинале на Евросонг: Србија, Грција и Словенија во финале


Израел- Познати се првите 10 финалисти од првата полуфинална вечер на Евровизија, која се одржува во Тел Авив, Израел. Од 17 земји кои настапија синоќа, во финалето се пласираа изведувачите од Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.

Македонија со Тамара Тодевска ќе настапи утре во втората полуфинална вечер како претпоследна од 18 учесници. Другите претставници се од Ерменија, Ирска, Молдавија, Швајцарија, Латвија, Романија, Данска, Шведска, Австрија, Хрватска, Малта, Литванија, Русија, Албанија, Норвешка, Холандија и Азарбејџан.

Сите 18 земји-учеснички заедно со Германија, Италија и Велика Британија ќе можат да гласаат во ова полуфинале.

Во финалето, в сабота , 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 41.

Покрај пласираните од полуфиналињата, ќе пеат и претставниците на големата четворка плус земјата домаќин: Италија, Франција, Германија,  Шпанија, Англија и Изарел.

Логото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

Синоќа, традиционално, ланскиот победник Нета ја отвори првата полуфинална вечер на 64. „Евровизија“ во Израел. На прекрасната сцена во „Експо“ центарот во Тел Авив, таа потсети зошто минатата година ги освои гласовите на публиката и го донесе евровизискиот „циркус“ повторно во Израел.

Шоуто потоа го преземаа водителите Бар Рефаели, Луси Ајуб, Ерес Тал и Аси Азар, со кои изведувачите и гледачите ќе се дружат сите три евровизиски вечери.