Прво кревање на блокадата, па после целосен договор, вели Бујар Османи
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска соопшти дека за да има целосен договор со Бугарија мора во еден пакет да се најдат решенијата од португалскиот предлог, дефиниран патоказ и зелено светло за почеток на преговорите. Тоа значи дека двете страни ги исполниле обврските. Ако ја нема една од овие компоненти ќе нема ни договор ниту е возможно еднострано имплементирање на некои одвоени делови, рече османи на прес-конференција, одговарајќи на тој начин на писмото на неговиот бугарски колега Светлан Стоев во кое тој бара прво македонската страна да исполнела сѐ што бара од неа Софија за да се оди понатаму во дијалогот.
„Бугарија според членот 2 ќе има обврски да ја поддржи евроатлантската интеграција, Македонија ќе ги има своите обврски и нив заеднички да ги имплементираме и заеднички да ги мониторираме. Комисијата за историски прашања е една – нема две комисии коишто поединечно разговараат. Меѓувладината комисија како дел од тој билатерален мониторинг, не е две меѓувладини комисии – тоа е една комисија раководена од двајца министри за надворешни работи. Значи, процесот е замислен така да може заеднички да преземаме обврски, заеднички да ги имплементираме, заеднички да ги мониторираме“, рече Османи, запрашан дали се преземени некакви обврски во Софија.
Османи рече дека на тие разменети идеи требаше да има одговор пред самитот, но тоа не се случи туку дојде до новата блокада на Бугарија. И бугарскиот премиер Стефан јанев на прес-конференцијата со Зоран Заев рече дека македонските предлози за патоказот ќе бидат разгледани наредните денови, но нивниот одговор дојде пост-фестум.
„Доколку беа прифатливи тие наши предлози, да се усогласиме за патоказот, португалското решение веќе е на маса, зелено светло во четвртокот – имаме комплетен договор. Едната позитивна страна на ова писмо што го добив вчера е дека во писмото стои дека сите предлози коишто се дадени се прифатливи затоа што кога барате да Република Македонија да ги реализира обврските, тоа значи дека вие се согласувате дека тоа е решение. Но, негативното е што дојде откако заврши самитот“, рече Османи.
Во наредниот период, според шефот на дипломатијата, треба да се продолжи, така што словенечкото претседателство го презема португалското решение, патоказот е дефиниран и уште зелено светло во септември и ќе имаме конечен договор.
За краткото име, Османи посочи дека, идејата била со една изјава, една нота да се надминат разликите и да се укаже дека краткото име – Македонија е исто, како што е и долгото име – Република Македонија.
Во однос на малцинските прашања, Османи рече дека Амандманот 36 од Уставот, донесен по усвојување на Преспанскиот договор, тоа прашање веќе е регулирано. „Македонија презема обврска да не се меша во внатрешните прашања, освен за своите државјани во државите во регионот. Тоа право го има Судот во Стразбур, рече тој.