Прво „Хајнекен“, а потоа и „Карлсберг“ објавија дека целосно ја напуштаат Русија


 

Концернот за пиво „Карлсберг“ ќе ги продаде имотите во Руската Федерација и ќе го напушти рускиот пазар. Ова се вели во соопштението на компанијата.

„Карлсберг“ рече дека „длабоко жали“ за последиците од оваа одлука за 8.400 руски вработени и нагласи дека додека не заврши продажбата на средствата, тие ќе продолжат да работат и ќе продолжат да ги добиваат своите плати.

Добивката на самата компанија од работата во Русија ќе биде пренесена на добротворни организации.

Концернот „Карлсберг“ е сопственик на компанијата за производство на пиво Балтика. Производителот поседува и брендови како „туборг“, „холстен“ и „кроненбург“.

Утрото на 28 март, „Хајнекен“ објави дека ги прекинува своите активности во Руската Федерација. Бизнисот на „Хајнекен“ во Русија ќе биде префрлен на нов сопственик – дотогаш ќе продолжат да работат сите седум фабрики во сопственост на компанијата.

Друга најголема компанија за производство на пиво „Анхојзер-Буш“ продолжува да работи на рускиот пазар. На 28 март, компанијата одлучи да го прекине производството на својот водечки бренд „бад“ во Руската Федерација.