Прво Ангеловска, а сега и Фетаи – цел на сексизам и навреди


Фото: Б. Грданоски

Низа реакции поради сè погласниот говор на омраза во јавниот простор предизвика пораката што новинарот Љупчо Златев преку социјалните мрежи ја упати до обвинителката Фатиме Фетаи, која беше една од најекспонираните во тимот во СЈО, а од вчера е вратена во Основното јавно обвинителство – Скопје.
„Од утре Фатиме Фетаи повторно ќе се буди со песната на ранобудниот петел од Боговиње. Ќе се врати во субмисивна позиција пред традиционалниот националистички патријархат. За жал, пропадна уште една ‘икона’. Од урбаниот живот на Фатиме ќе ѝ останат само спомени, спомени проследени со стихови од нејзиниот омилен Аца Лукас. Нема да може ни да пие од тага, затоа што таму во Боговиње за пиење жените ги тепаат“… се дел од навредите што Златев ги упати до Фетаи преку својот фејсбук-профил.
По реакциите на Хелсиншкиот комитет и на Здружението на новинари, Златев се јави со извинување, како што посочува, за секој оној што во неговиот статус за Фетаи пронашол каква било дискриминација.
„Всушност, тоа што некој видел дискриминација во моите залагања за европски вредности и еманципирани жени (кои смеат да пијат и во заостанати средини) – не би требало да е мој проблем, ама ете… нек ви буде… На Фатиме Фетаи не ѝ се извинувам, затоа што ја сметам за еден од главните подривачи на правниот систем во Македонија“, наведува Златев во нова објава.
На слична линија беше и говорот на омраза со кој се соочи новата министерка за финансии Нина Ангеловска, во периодот кога беше номинирана за функцијата. Сега на ред дојдоа и поединци од нејзиниот тим што таа го промовираше во неделата преку фотографија на социјалните мрежи. Од Хелсиншкиот комитет посочуваат дека по неприфатливите изјави на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ при изборот на Ангеловска, неколку портали пласираат омаловажувачки коментари за Ана-Марија Макеска, координаторка за социјални медиуми и односи со јавност во Министерството за финансии. Коментирајќи го нејзиниот физички изглед, со намера да ја дискредитираат нејзината професионалност, вршат дискриминација кон сите жени омаловажувајќи ги нивните работни способности.

Фото: Б. Грданоски

Хелсиншкиот комитет за човекови права поднел претставки до Советот за етика во медиумите против порталите „Експрес.мк“ и „Вистина.ком.мк“ за вознемирување врз основа на пол и род.
„Покрај сите апели до медиумите да не пренесуваат сексистички објави без критички да им се осврнат, одредени медиуми и новинари и самите се извор на вознемирувачки и мизогини изјави. Наместо да се борат против дискриминацијата и негативните појави во јавниот дискурс, тие директно придонесуваат за создавање атмосфера во која се исмева женското учество во јавниот живот и жените воопшто. Ваквото известување создава непријателска и понижувачка средина за сите жени“, се наведува во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.
Реагираше и Здружението на новинари, со посочување дека новинарите имаат многу поголема одговорност пред јавноста секогаш кога се обраќаат, било тоа да е преку медиумите или социјалните мрежи.
„Оттаму објавата на новинарот Љупчо Златев на Фејсбук може да се смета дека поттикнува дискриминација и нетрпеливост врз основа на пол и национална, односно етничка припадност“, се наведува во соопштението. Според ЗНМ, оваа непримерна комуникација не е во согласност со Етичкиот кодексот на новинари, каде што во членот 10 се вели: „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа – национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…“
По ваквите реакции во јавноста, ВМРО-ДПМНЕ се јави со „контраодговор“ дека не престанува говорот на омраза и навредите од страна на функционери и новинари блиски до Зоран Заев и СДСМ.

„Тоа е повеќе од јасно откако видовме дека ниту невладините организации ниту некој од функционерите на СДСМ се огради од навредите на Златко Ориѓански кој токму од Заев беше поставен да ја претставува македонската култура во Тирана.
СДСМ и новинарите кои ја поддржуваат политиката на Заев не запираат со мизогинија и говорот на омраза, па така Бранко Тричковски, полтронот на Заев во денешниот свој фејсбук-статус со неговиот валкан политички речник ги вмешува децата на претседателот Христијан Мицкоски во политичка пресметка. Зоран Заев, Бранко Тричковски и СДСМ одамна се разминале со моралот и со етиката. Власта не избира средства, па навредува и деца и фамилии“, изјави на прес-конференција Благица Ласовска, претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.