Првите знаци на нов бран на КОВИД-19 се забележани во постудените земји

Случаите и хоспитализацијата се зголемуваат во Белгија, Велика Британија и Данска


Случаите на КОВИД-19 и хоспитализациите се зголемуваат во Северна Европа, каде што постуденото и повлажното време најпрво се чувствува ширум целиот блок. Најновите податоци од Белгија, Велика Британија и Данска укажуваат на постепено зголемување на бројот на случаи и хоспитализации, пишува Политико.

Здравствените органи на Белгија соопштија дека нивното моделирање укажува на нов бран на КОВИД-19 кој ќе удри во средината на октомври. Податоците објавени во петокот сугерираат дека првите бранови веќе пристигнале.

Белгија пријави 17 отсто зголемување на бројот на нови случаи на коронавирус во неделата до 19 септември во однос на претходната недела. Хоспитализациите во неделата до 22 септември беа постабилни и се зголемија за 4 проценти, соопштија од јавното здравство.

Данскиот институт за заразни болести ги објави првите податоци кои укажуваат на промена на стапката на инфекција, која по долг период на опаѓање сега се стабилизира или благо се зголемува низ регионите.

Институтот, исто така, забележа дека хоспитализациите се зголемиле за 6 отсто во текот на минатата недела, во споредба со неделата претходно. „Луѓето на возраст од 70 до 89 години остануваат најголемата група меѓу новопримените, како што е случај од почетокот на годината“, велат од институтот.

И во Обединетото Кралство, бројот на нови случаи во неделата до 17 септември беше за 13 проценти поголем од претходната недела, додека хоспитализациите беа зголемени за 17 проценти во неделата до 19 септември.

Јавните здравствени власти, вклучително и Светската здравствена организација, веќе неколку месеци предупредуваат на веројатниот пораст на случаите повторно оваа студена сезона. Посебно загрижувачки е притисокот врз здравствените системи, особено со очекуваниот пораст на други респираторни вируси како грипот оваа зима.

„Иако стапките на КОВИД-19 сè уште се ниски, најновите податоци за последните седум дена укажуваат на пораст на хоспитализациите и пораст на позитивните тестови пријавени од заедницата“, рече Сузан Хопкинс, главен медицински советник во Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство.

Хопкинс ги повика оние кои ги исполнуваат условите да се пријават за бустер вакцини, „порано отколку подоцна“, за да изградат имунолошка заштита пред зимата.

Европа сертифицираше бустер вакцини кои таргетираат два типа на варијантата Омикрон, вклучувајќи ја и онаа што е доминантна сега. Обединетото Кралство досега одобри еден нов засилувач кој го таргетира првиот вид Омикрон и купи доволно дози за речиси целото население, пишува Политико.

„Сите достапни засилувачи обезбедуваат добра заштита од тешка форма од КОВИД-19“, вели Хопкинс.