Првиот рендген апарат бил донесен во Битола пред 116 години


 

БИТОЛА – Првиот рендген апарат бил донесен во Битола пред 116 години, за време на Османлиите и бил меѓу првите апарати во Европа, во услови кога немало сериско производство. Битолската клиничка болница и сега како ретко која здравствена установа во државата може да се гордее со службата за Радиологија и во делот на апаратите и во поглед на подготвеноста и стручноста на тимот.

Историските податоци сведочат дека во 1908 година, во турско време во Воената болница во Битола бил монтиран рендген апарат, еден од првите во Европа во тоа време. За цивилното население од градот оваа дијагностика беше достапна во текот на 1927 година.

„Во Битола како ретко каде на друго место 116 години постои рендген апарат. На почетокот интернисти и педијатри сами си ги читале сликите, но имале апарат кој не бил сериско производство. Тоа се случувало само 13 години откако Вилхелм Конрад Рендген ги открил рентген зраците во 1895 година.  Во градот, уште за време на Османлиите стигнал првиот рендген апарат. Апаратот бил сместен во објектот на тогашната Воена болница, сегашниот Студентски дом во Битола и таму има натпис дека од 1908 година градот го добил првиот рендген апарат“, вели радиологот д-р Весна Шикловска. 

Според податоците од Клиничка болница Битола „по ослободувањето, Општата Болница Битола, како донација доби УНРА полуталасен рендген апарат Пикер, кој беше монтиран во приземјето на хируршкoто одделение. Со него работеше д-р Ѓорги Кљука, радиолог од Нови Сад. Во 1953 година од специјализација се врати првиот битолски специјалист-радиолог д-р Леви. Тогаш е набавен и ‘Сименс’ четвртвентилен Ро апарат. Со тоа практично се формира Радиолошкото одделение“.

По војната Битолската болница формира оддел за радиологија каде меѓу првите лекари специјалисти радиолози работат д-р Драган Кокалевски и д-р Томе Дериевски.

„После Втората Светска војна настапуваат да работат специјалисти радиолози во одделот за Рендген во болницата во Битола што беше голем успех во тоа време. Одделот растеше и се развиваше со големи чекори во следните децении и во 2006 година веќе апаратурата се надополнува со компјутерска томографија. Одделот броеше 7 специјалисти кои работеа компјутерска томографија, па дури и ендоскопски процедури“, вели д-р Шикловска. (А.Б.)