Првиот наводно позитивен случај на Ковид-19 во Северна Кореја не е инфициран


Нема индиции дека бегалецот од Северна Кореја, кој се вратил во таа земја, е заразен со корона вирус, соопштија јужнокорејските здравствени власти.

Претходно, Пјонгјанг соопшти дека момчето кое ги преминало границите на двете соседни земји би можело да биде првиот случај на инфекција со Ковид-19 во Северна Кореја.

Јужнокорејските власти го идентификувале 24-годишното момче, кое одговара на описот и „неодамна се вратило во Северна Кореја“, но не го откриваат неговото име.

– Лицето не е регистрирано ниту како пациент заболен од Ковид-19, ниту како контакт на веќе заразено лице, изјави на прес-конференција јужнокорејскиот претставник на здравствените власти Јун Тае-хо.

Тој додаде дека биле тестирани и две лица кои биле во контакт со бегалецот, но и тие биле негативни.

Севернокорејската државна агенција КЦНА вчера објави дека лицето кое побегнало во Јужна Кореја, но неодамна се вратило во Северна Кореја, е првиот случај на коронавирус во земјата, по што лидерот Ким Џонг-ун веднаш воведе вонредна состојба и го стави во карантин пограничниот град Каесонг.