Првиот конвој со помош на ОН за настраданите влезе во Сирија


Конвојот на ОН ја преминува границата меѓу Турција и Сирија на единствениот достапен премин

 

Конвој со помош на Обединетите нации премина од Турција во северозападна Сирија во четвртокот за прв пат по земјотресот во понеделникот во трката да се испорача меѓународна помош во регионот опфатен со многугодишниот конфликт и акутната хуманитарна криза.

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОН OCХA) соопшти дека конвојот, составен од шест камиони кои превезувале предмети за засолниште и непрехранбени производи, преминал преку преминот Баб Ал Хава – единствениот коридор за хуманитарна помош меѓу Турција и Сирија.

„Операцијата за прекугранична помош на ОН е вратена денеска. Ни олесна што можеме да допреме до луѓето во северозападна Сирија во ова тешко време. Се надеваме дека оваа операција ќе продолжи бидејќи ова е хуманитарен појас за спасување  и единствен канал“, рече Санџана Куази, шеф на OCХ во Турција.

Околу 4,1 милион луѓе веќе зависат од хуманитарна помош во северозападна Сирија, претежно под контрола на бунтовниците.

Висок функционер за помош изјави за Си-Ен-Ен претходно дека напорите да им се помогне на луѓето во регионите погодени од земјотресот во Сирија биле „неверојатно тешки“, бидејќи влезовите долж границата биле уништени поради катастрофата.

„Згора на тоа, во Сирија, ова се случува среде зона на конфликт“, рече Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци.