Првиот човек на „Рајанер“ најави крај на ерата на евтини летови


 

„Рајанер“ повеќе нема да нуди летови по најниски цени поради зголемените цени на горивото, потврди извршниот директор на компанијата Мајкл О’Лири, велејќи дека ерата на билети од 10 евра е завршена.

Компаниите како Ryanair, Wizz Air, Vueling и слични се натпреваруваа по најниски можни цени на услугите, што ги поевтини билетите значително во последните децении, но сега за жал на тоа му дојде крајот.

Покрај високите цени на горивото, секторот се соочува и со притисок да го намали неговото влијание врз климата, вклучително и кампањи за убедување на луѓето да се префрлат на железничкиот и патниот транспорт.

„Нема сомнеж дека на долниот сегмент на пазарот, нема да ги видиме нашите навистина евтини промотивни цени – билети од едно евро, дури и билети од 9,99 евра. Мислам дека нема да ги видите тие цени за следните неколку години“, рече О’Лири во програмата „Денеска“ на Би-Би-Си Радио 4.

Просечната вредност би се зголемила во следните пет години од околу 40 евра (33,75 фунти) минатата година на околу 50 евра.

Зголемените трошоци за гориво што ги поскапуваат авионските билети, исто така, ги зголемуваат сметките за енергија во домаќинствата, намалувајќи ги расположливите приходи на луѓето. Но, шефот на авиокомпанијата вели дека и покрај ова, тој очекува клиентите да бараат опции со пониска цена наместо да ги намалат летовите.

„Мислиме дека луѓето сè уште често ќе патуваат. Но, мислам дека ќе станат многу почувствителни на цените“, рече тој.