Првични неофицијални резултати: Ѓорѓиевски води двојно пред Мециновиќ


Првите неофицијални резултати покажуваат дека кандидатот за градоначалник за Скопје, Орце Ѓорѓиевски, води пред кандидатот на Левица, Емир Мециновиќ. Според овие првични бројки од досега пребројаните 54 отсто од гласовите Ѓорѓиевски освоил 44.991 гласови, додека Мециновиќ – 22.082 гласови, практично двојно помалку. 

ВМРО-ДПМНЕ е убедено дека ќе оствари голема победа во вториот изборен круг, а особено во главниот град. Пратеникот Валентин Манасиевски изјави вечерва дека партијата очекува „огромна победа“ во сите општини каде има свои кандидати за градоначалници, како и „убедлива победа во Скопје“.

„Изборниот ден помина во мирна и достоинствена атмосфера. Очекуваме одличен резултат и разликата во вториот круг дополнително да се зголеми во наша корист. Граѓаните ни ја дадоа довербата и нема да ја изневериме. Од утре продолжуваме со уште поголема посветеност и одговорност,“ истакна Манасиевски на прес-конференција.
 

Тој оцени дека изборите биле фер и демократски, додавајќи дека „Македонија по долго време имала вистински европски избори“ и дека земјата покажала политичка зрелост со мирен и достоинствен изборен процес.