Први смртни случаи од коронавирусот во Австралија и Тајланд, прв заразен во Ирска

Австралија/ Тајланд – Австралиските здравствени власти информираа дека во земјата е регистриран првиот смртен случај од коронавирус, додека истовремено во Ирска е забележен првиот случај на заразен од вирусот.

-Во Австралија денеска рано утринава од последици на заразата, во болница во Перт, почина 78-годишен маж, изјави претставикот на здравствените власти од Западна Австралија, Ендрју Роберстон.

Станува збор за пациент, кој заедно со сопругата, престојувал на крузерот „Дајмонд Принцес“, каде двајцата се заразиле. Дијагнозата му била поставена пред десет дена додека бил во изолација во Хауард Спрингс, во близина на Дарвин, откако две недели минал во карантин на крузерот, пред пристаништето во јапонскиот град Јокохама.

На неговата сопруга, на возраст од 70-тина години, исто така пред неколку дена и бил дијагностициран вирусот, но таа засега е во стабилна состојба и се наоѓа во болница.

Кај над 700 патници и членови на екипажот на крузерот е утврден коронавирус, додека бродот кон крајот на февруари беше запрен пред Јокохама, а од нив шестмина починаа.

Си-Ен-Ен јавува дека и на Тајланд е забележена првата жртва од коронавирусот, а таму вкупно се заразени 42 лица.

Ирската Влада доцна синоќа соопшти дека е регистриран првиот случај на заразен од коронавирус, а тој бил поврзан со заразата во северна Италија.

Ирскиот министер за здравство Тони Халохан изјави дека „ тоа не е нечекувано“ и дека здравствените власти се подготвуваат за ситуација на појава на вирусот уште од јануари.

Како што објавија ирските медиуми, станува збор за маж од истокот на земјата.