Први се укинуваат квотите во аптеките во туристичките места, наесен во целата држава


Во август ќе бидат укинати квотите во аптеките во регионите на туристичките места во Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен, а тоа значи дека за секој лек кој ќе биде издаден на рецепт, тој ќе биде реализиран од страна на Фондот.

На овој начин почнува укинувањето на квотите во сите аптеки на територијата на цела држава, нешто што премиерот го најави минатата седмица, а ќе се имплементира во септември и во октомври.

Како што најави министерот за здравство Венко Филипче во овие региони години наназад имало голем недостаток на лекови, па затоа кон крајот на месецот ќе почне официјална процедура на вклучување на сите аптеки кои сега не се во мрежата. Паралелно ќе се проширува мрежата, согласно одлуката на последната седница на Владата, за прием на нови специјалистички ординации од разни специјалности од медицина и стоматологија.

За да се спречи злоупотреба, по гласините дека само со лична карта ќе може да се зема лек во аптека, Филипче рече дека станува збор за комплексен механизам кој вклучува и софтверско решение а во суштина значи следење на лекот. Лекот ќе може да го подигне само пациентот за кој е препишан, освен лицата кои се неподвижни, но и за нив има развиен механизам како ќе се издаваат тие лекови.

На прашање дали имаат информации за досегашни евентуални злоупотреби при издавање лекови на рецепт, Филипче рече дека се прави анализа за тоа во Фондот.

– Со целосни информации ќе излеземе пред имплементирање на укинувањето на квотите – нагласи тој.
Целта е да се сведе бројот на лекови по глава на жител, согласно европскиот стандард. На новинарско прашање значи ли тоа дека ќе одговара некој матичен лекар или аптека, Филипче одговори – доколку тоа се констатира, апсолутно да.

Министерот смета дека не е противуставно, укинување на квоти само во одредени региони, затоа што станува збор за прв чекор во практично ослободување на квотите и либерализација, тоа е работа која се регулира не со закон и устав туку со правилник во рамки на Фондот. Тој правилник бил сменет утрово и мерката ќе се имплементира. Затоа што со години наназад притисокот од недостаток на лекови бил најголем токму таму. Мерката ќе важи за тие градови, но и за околните места.

На прашање кој ќе им препише лек на рецепти на оние кои не се жители таму и немаат таму матични лекари, министерот рече дека препишуваат само матичните лекари.

Тој појасни дека секој пациент при подолготраен престој некаде, си обезбедува рецепти од својот лекар.
Според министерот, во овој период, најмногу се трошат лековите за кардиоваскуларен систем.