Првата седница на новата Влада во вторник

Фото: Б. Грданоски

Прво примопредавање на должностите, а потоа и протоколарна посета на новиот владин состав кај претседателот на државата Стево Пендаровски, но и на работна средба во Стопанската комора на Македонија, а во вторник првата седница на новата Влада на која се очекуваат и првите одлуки – ова е редоследот на активностите кои ги најави премиерот Зоран Заев во првиот настап по гласањето во Собранието.

Зборувајќи за првите активности кои ќе ги преземе Владата, Заев рече дека тоа ќе бидат мерки за зајакнување на здравствениуот сектор, како и за помош на одредени категории граѓани преку концептот домашна платежна картичка. Станува збор за пензионерите кои имаат под 15 илјади денари пензија, потоа пасивните бааратели на работа, самохраните родители и стечајците. Заев рече дека Владата има резервоар од околу 200 милиони евра и дека граѓаните не треба да се грижат.
Во поглед на здравствената криза предупреди на тежок период во наредните 6 до 8 месеци, што не е случај само кај нас, туку и во другите земји, при што повика на максимално почитување на здравствените мерки за заштита.

„Тоа не значи нови рестрикции, туку аларм да ги почитуваме мерките за лична заштита“, рече Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања Заев рече дека ќе го намали бројот на советници во неговиот кабинет, како и дека ќе се реорганизираат службите со цел да бидат поефикасни.

Во својот прв настап по изборот пред новинарите Заев најпрвин се  заблагодари на сите за довербата и нагласи дека следува период на голема трансформација и европеизација на земјата.

„Прв приоритет на Владата ќе биде продолжување на антикризните мерки за заштита од коронавирусот“, рече Заев.

„Со изборот на Владата го комплетираме изборот на ефикасни институции, кои ефикасно ќе работат на намалување на последиците од коронавирусот“, додаде тој.

Осврнувајќи се на дел од приоритетите кои ги најави и во програмата, Заев потенцираше дека новата влада ќе спроведе реформи во администрацијата, прочистување на судстото и ќе биде посветена на градење на правна држава.

Во однос на процесот на евроинтеграцијата тој рече дека сите институции се подготвени за преговори со ЕУ и за отворање на првите поглавја.

„Следува период на трансформација и европеизација на нашата држава“, рече Заев.