Првата позната војна била крај Нил, во Судан – и била крвава


Двојното погребување на лицата наречени ЏС 20 и ЏС 21 во гробиштата Џебел Сахаба во Судан. Војната се водела со копја, стрели и камено оружје (Фото: Ројтерс)

Не беше сè толку добро меѓу народите што живееја на источниот брег на реката Нил во северен Судан пред околу 13.400 години.

Тоа го откриле тепаните тела закопани на гробишта на едно од најстарите места во светот на кои се прикажува човечка борба.

Истражувачите во четвртокот рекоа дека повторното испитување на остатоците од гробиштата Џебел Сахаба ископани во 60-тите години на минатиот век дава нов увид во ова праисториско крвопролевање, вклучувајќи докази дека имало сукцесивни насилни судири, наместо единствена смртоносна пресметка како што се веруваше претходно.

Од остатоците од скелетот на 61 маж, жена и дете, 41 имале знаци на најмалку една повреда, главно од проектилско оружје, вклучувајќи копја и стрели. Некои рани биле залечени, што укажува дека лицето ги преживеало борбите.

Шеснаесет од нив имале и залечени и неизлечени рани, што укажува на тоа дека преживеале една борба само за да умрат во друга. Со микроскопско испитување беа идентификувани рани со остатоци од камено оружје вградени во коската.

Оригиналната анализа од 60-тите години на минатиот век идентификуваше само 20 лица со какви било рани и ниедно со санирани повреди.

Обемното и неселективно насилство подеднакво ги погодило мажите и жените, а деца на возраст од четири години, исто така се ранети, рече палеоантропологот Изабел Кревекор од Францускиот национален центар за научни истражувања на Универзитетот во Бордо, главен автор на студијата објавена во списанието „Научни извештаи“.

„Се чини дека една од главните смртоносни својства што се бараше беше да се избоде и да се предизвика загуба на крв“, рече Кревекор.

Додека копјата и стрелите можат да се исфрлаат од далечина, има докази за блиска борба со бројни случаи на фрактури – удари во подлактицата при раката крената за да се заштити главата – и скршени коски на раката.

Ловци-собирачи живееле во долината на Нил во тоа време, пред почетокот на земјоделството. Тие ловеле цицачи како антилопа, фаќале риби и собирале растенија и корени. Нивните групи беа мали, можеби не надминувале сто.

Иако е тешко да се знае зошто тие се бореле, тоа се случило за време на климатските промени во регионот од сув период во повлажен, заедно со тешки епизоди на поплавување на Нил, што може да предизвика конкуренција меѓу ривалските кланови за ресурси и територија.

„За разлика од специфична битка или кратка војна, насилството се чини дека било редовна појава и дел од секојдневното ткиво на нивниот живот“, рече коавторот на студијата Даниел Антоан, вршител на должноста шеф на Одделот за Египет и Судан и кустос за биоархеологија во Британскиот музеј во Лондон.

Кревекур рече дека археолошките докази укажуваат на „повторливи, мали судири веројатно во форма на рации, препукувања, напади на заседа меѓу групи ловци, наместо еден единствен конфликт“. Непознати културни разлики меѓу групите, исто така, може да се во игра, додаде Кревекур.

Местото, сега потопено под големиот резервоар направен од човекот, наречен Езеро Насер, е најраниот познат погребен комплекс во долината на Нил и еден од најстарите во Африка. Човечките остатоци се чуваат во Британскиот музеј.

Филозофите долго размислувале за противречностите на човечката природа. Археолошките докази покажаа меѓучовечко насилство во човековата еволутивна лоза, дури и пред појавата на Хомо сапиенс пред повеќе од 300.000 години.

„Ние веруваме дека нашите откритија имаат важни импликации во дебатата за причините и формата на војување“, рече Кревекор. „Она што е сигурно е дека актите на насилство се бележат од пред стотици илјади години и не се ограничени на нашите видови. Но, нивните мотиви се веројатно сложени и разновидни како што можеме да замислиме“. (Ројтерс)