Првата дама Ѓоргиевска во кралска црвена на самитот на НАТО во Мадрид – впечатлива и достоинствена

Црвената тоалета е дизајн на Никола Ефтимов, инспириран од современо толкување на традиционалните референци на македонската и шпанската култура, ексклузивно дознава „Независен“


 

Првата дама Елизабета Ѓоргиевска слета на мадридскиот аеродром за Самитот на НАТО во бела ленена кошула, а на свечената вечера на кралот Фелипе и кралицата Летиција во чест на  лидерите на земјите-членки на НАТО, блесна во црвен фустан.

Самитот на НАТО во Мадрид е во фокусот на светската политичка јавност,  а на црвениот килим медиумите се фокусираа и на елегантниот и впечатлив стил  на првите дами и на домаќинката – кралицата Летиција која за многумина е модна икона во кралскиот свет.

Имаше нешто кралско во изгледот на првата дама Ѓоргиевска, која соодвествуваше и со кралскиот свечен барокнен амбиент, наспроти изборот на другите први дами – Џил Бајден ја избра белата боја, Брижит Макрон-сината, а кралицата Летиција- во црн фустан, веќе носен на претходни гала настани.

Нашата вита и харизматична прва дама, и во оваа прилика го покажа  својот истенчен вкус за мода, со минималистички стил, прочистен од сите модни додавки, и според сите дрес-код норми почитувани во светот. Ѓоргиевска изгледаше ненаметливо, достоинствено со изборот на тоалетата која ја искомбинира со црвена плик чантичка и црвени салонки. И претседателот Пендаровски беше елегантен во темниот костум со вратоврска во омилената темно виолетова боја.

Црвената тоалета, е дизајн на Никола Ефтимов, инспириран од современо толкување на традиционалните референци на македонската и шпанската култура, ексклузивно дознава „Независен“. Во појдовната точка на приказната е од црвената боја како референтната за двете земји. Свилениот фустан ја следи идејата за едноставна елеганција, почитување на личноста на првата дама, но и самиот настан.

Со секоја своја појава, изглед, ангажираност во иницијативи од хуманитарен, едукативен аспект, наменети за деца, или насочени кон женски прашања – Ѓоргиевска дискретно потенцира дека не е само лик кој го почитува протоколот, и кој избира соодветна облека со македонски потпис за да ѝ се допадне на јавноста. Таа е дама која го  сфатила статусот сопруга на претседателот како можност со него да се предизвика позитивна промена во опшеството и достоинствено да не претстави во светот.

Првата дама ќе има повеќе активности за време на престојот во Мадрид. Во рамки на програмата организирана од Кралицата Летиција за партнерите на шефовите на држави и влади учесници на Самитот на НАТО предвидено е посета на Кралската палата, Кралската фабрика за стакло, како и Националниот музеј на уметности Кралица Софија. 
 
Во рамки на престојот во Мадрид предвидено е Ѓоргиевска да го посети и да одржи предавање на Стоматолошкиот факултет, како проф.д-р на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и професорка на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје.
 
 
Ѓоргиевска ќе го придружува претседателот Пендаровски на Трансатлантската вечера на ниво на Шефови и држави и Влади, што ќе ја приреди претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Педро Санчез.