Првата дама Ѓоргиевска со розов апел: Практикувајте самопрегледување на градите, редовни посети кај лекарите и годишни мамографии


Сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше и се обрати на трката за подигнување на свеста за ракот на дојката “Race for the cure“ во Градскиот парк во Скопје.

На настанот се обратија и министерот за здравство, Венко Филипче и американската aмбасадорка во земјава, Кејт Брнз.

Организатор на настанот е Здружението „Борка“, коешто се приклучи на кампањата која се одвива речиси во многу европски држави и градови, а кај нас кампањата и финалните настани освен во Скопје ќе се одржат во 13 градови.

-Овој настан се одвива на прагот  на октомври,  уште еден светски месец на борба против ракот на дојка. Сите сме свесни дека овој пат, имаме навистина тешка ситуација обременета со заканата од корона вирусот што го видоизмени светот којшто практично го видоизмени целиот свет. Па, така, апелите и промовирањето на свеста за оваа болест, всушност се покомплексни и мора да бидат уште подраматични. Имаме двојна обврска во врска со едукацијата, превенцијата и лекувањето не само на ракот на дојката, туку и на вирусот кој се заканува да ја загрози жената која е веќе засегната од друга болест.

Во текот на месецот октомври многу светски знаменитости ќе светат во розова боја, а со тоа да привлечат внимание за важноста од раната дијагностика од ракот на дојката и затоа денес ќе потсетам на главното правило во животот, подобро да се спречи отколку да се лечи. Ве молам практикувајте самопрегледување на градите, редовни посети кај лекарите и годишни мамографии.

Розовата панделка е симбол на борбата против оваа  болест и симбол на поддржување на сите што се засегнати. Розовата панделка ја носат излечените, но и сите оние кои сакаат да ја подигнат свеста за оваа болест којашто е всушност, една од најсмртоносните болести кај жените. Исто така, сакам да го свртам внимание на потребата од собирање на средства за донирање во сите центри за грижа за заболените жени, кои освен нега, нудат и она што е многу важно, а тоа е психолошката поддршка.

Ќе нагласам уште нешто: ни  оваа, како и сите други болести не треба да ги гледаме како  нешто што му се случува на некој друг. Особено ние, медицинските лица, секојдневно и секаде каде што е можно, треба да го нагласуваме тоа. Има уште многу да се стори, а само заедно можеме да направиме промени во колективната свест и поддршка во едукацијата и охрабрување на жените на секаков можен начин.

И, да не заборавиме: никогаш не е премногу доцна  за промени  кон здрав живот. Не е важно колку години имаме, промените во животот кон добро здравје не знаат за возраст. Да бидеме најдобри пријатели со своето тело и да ги слушаме неговите  предупредувања, рече во својот говор во Градскиот парк, сопругата на претседателот Пендаровски.