Првата дама Ѓоргиевска го посети Центарот за згрижување на жртви на семејно насилство во Струмица


Сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска заедно со шефица на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) во земјаваАфродита Шаља денеска го посетија Центарот за згрижување на жртви на семејно насилство во Струмица, со цел да им се даде поддршка на овие жртви и да се крене свеста за унапредување на услугите за борба против насилството.

Центарот почна со работата на почетокот од минатата година. Отворен е од Здружението на граѓани „Скај Плус“ од Струмица, во соработка со Општина Струмица и општествено одговорни субјекти, обезбедувајќи привремено прифаќање и згрижување на лицата – жртви на семејно и родово базирано насилство. 

Како што информираат од претседателскиот Кабинет, во Центарот, лицата – жртви од семејно и родово базирано насилство, покрај згрижување, добиваат и заштита, психо-социјална помош и поддршка, третман за надминување на траума, правно советување, вклучување во активните мерки за вработување со цел учество во пазарот на трудот и постигнување на финансиска независност.

Со овие активности, како што се наведува во соопштението, им се овозможува за одреден период да бидат одвоени од средината во која се случило насилството, им се даваат услуги од стручната советодавна работа заради надминување на последиците од насилството и преку разновидни содржини се оспособуваат за различни социјални вештини.

Целта на посетата е да им се даде поддршка на жртвите на семејното и родово базираното насилство покажувајќи им дека сите заедно треба да работиме во подигање на свеста и унапредување на услугите за борба против насилството.

– Во изминатиов период на пандемија со Ковид-19, поради рестриктивните мерки во однос на движењето и финансиските ограничувања, за жал, е зголемен бројот на случаи на семејно и родово базирано насилство. Токму затоа, потребно е да се охрабрат жртвите на семејно и родово базирано насилство да го пријават истото и да ја добијат потребната заштита, згрижување, како и стручна советодавна помош за полесно справување со последиците од насилството, соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Нашата држава во 2017 ја ратификуваше Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, а во 2018 го усвои Акцискиот план за нејзино спроведување, чијшто посебен фокус е ставен во имплементацијата на националната легислатива и развивање на специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство.