Првата дама Елизабета Ѓоргиевска за „Независен“: Како што живеам така и се облекувам, едноставно


Македонија доби прва дама со стил. Проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска (47), вработена на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и професорка на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје.

Сопругата на претседателот Пендаровски е вита, харизматична, успешна во кариерата, самостојна – не си го сменила презимето по венчавката, со истенчен вкус за мода, со минималистички стил, прочистен од сите модни додавки. Едноставен избор на модни парчиња, ама некогаш и во смели бои, и од квалитетни, ама неекспонирани модни брендови. Досега на јавните настани елегантна, а некогаш според настаните и спортско-елегантна кога со леснотија ги носи парчињата, а не тие неа.

Македонска варијанта на префинетиот француски стил на Карла Бруни-Саркози, според критичарите – најпрва дама со стил во светот.

Фото: Б. Грданоски

Ретко ќе наидете на претседател и прва дама кои внимаваат на заедничките појавувања да бидат во тон. Претседателот Пендаровски и првата дама Елизабета тоа го прават со леснотија, а очигледно дека маркантната нијанса на розе-магента им е омилена на двајцата. Во таа боја беше нејзиниот фустан на инаугурацијата на Пендаровски за претседател, а нему –вратоврската.

И претседателот Пендаровски е секогаш среден, независно дали е во костум со вратоврска или без вратоврска или во комбинација на џемпер со кошула. Неговата самоувереност и елоквентност се одразуваат и на изгледот, а сериозен шмек му даваат и добро избраните рамки на очила.

Проф. д-р  Ѓоргиевска, ексклузивно за „Независен весник“, ја откри тајната на својот стил, кој допрва со задоволство ќе го откриваме во јавноста.

Фото: Б. Грданоски

-Имам едноставен стил на облекување, но комплициран конфекциски број. Ретко наоѓам облека со соодветна величина, поради што често и да не сакам, мора да шијам по мерка. Особено кога се работи за вечерни и свечени фустани. Сакам едноставни линии, сведена облека со понекој модерен детаљ, јака што завршува со панделка, ракав што завршува со карнер. Многу често правам комбинации во црна и бела боја, а откако сфатив дека во мојот гардеробер преовладува црна облека, почнав да избирам фустани во живи бои. Розовата боја за мене не е само боја на сезоната, туку и моја омилена боја: од нежно розе до маркантна магента. Костумот и сакото не се вклопуваат во мојот стил, па наместо нив, носам фустан со болеро, или едноставно само фустан. Го украсувам со накит, или марама. Бисерите ми се омилени: околу вратот, на обетките и на нараквиците, вели Ѓоргиевска.

Фото: Б. Грданоски

Минимализмот го смета за пригоден во ова брзо денешно темпо.

-Често носам фармерки поради природата на мојата професија, која бара удобна и едноставна облека. Носам чевли на високи потпетици, но секогаш кај себе имам рамни чевли како алтернатива.

Секогаш е со фризура и со шминка.

-Се шминкам дискретно и во розови тонови, никогаш не користам кафеави нијанси и истакнување на очите и на други делови од лицето. Знаете, Коко Шанел би рекла дека модата се менува, а стилот останува, или уште подобро, дека по облеката не треба да бидеш забележан туку запаметен… – ни открива Ѓоргиевска.

Фото: Б. Грданоски

Често ги посетува македонските дизајнери.

-Ме воодушевуваат со својата фантазија и оригиналност. Всушност, облеката не покажува ништо друго освен стил на живот. Како што живеам така и се облекувам, едноставно.

Модата е прекрасна работа сè додека се вклопува во начинот на размислување за животот, вели првата дама.

Лејла Сабит

 

Кој ги советува првите дами?

 

Македонските први дами не се Меланија Трамп или Мишел Обама, па да имаат свои модни советници, а сепак можат да се консултираат со протоколот за изгледот на одредени настани, да користат надворешен соработник или пак сами, на свој ризик, да одлучуваат за стилот.

И претходните први дами на Македонија, Вилма Трајковска, Јасна Црвенковска и Маја Иванова, во јавноста се трудеа да изгледаат соодветно, најчесто елегантно, помалку или повеќе консултирајќи се со протоколот или, пак, со познати стилисти, иако се потпираа и на своите модни инстинкти, за кои подоцна беа или фалени или критикувани во јавноста.

За правилно облекување треба да бидете свесни за функцијата, експонираноста во јавноста, земјата во која живеете, животниот стил, години, телесни предиспозиции, карактерот и пригодата. А како да се облечете за соодветната пригода е вештина. И без обѕир на финансиските можности, некому тоа му доаѓа природно, некому со годините, некој и понатаму учи на своите грешки кои се сè помалку, а некој тврдоглаво продолжува со грешките.(Л. С.)