Првата бомба за ,,Монструм“, Јанакиевски: Рибарот е убиен затоа што бил сведок


Првиот пуштен разговор за предметот ,,Монструм” е снимен на 13 април 2012 година. Во дел од разговорите го има и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески кој разговара со извесен соговорник Кире Бошков. Соговорникот го прашува Јанакиески „да не има информација нешто во врска со убиството на децата“, а Јанакиески му одговара:

„Рафално се убиени и во глава се пукани, многу грозно. Децава не биле криминалци, туку мирни деца, а овој стариот бил убиен најверојатно ради сведок“, му вели Јанакиески на соговорникот во една од „бомбите“.

Пред почетокот на преслушувањето, обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека разговорите се предадени онака како што ги добиле.

– Не смееме да ги раздвоиме. Како што ни се дадени од (премиерот) Зоран Заев, така ги предадовме, за да не биде дека нешто пропуштаме, истакна Фетаи.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да бидат изведени околу 3.900 разговори, кои беа предложени како дополнителни докази од СЈО.