Блажевата 2021 започнува со зимска онлајн школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик


Фото: Б. Грданоски

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), како една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, ја почне новата или Блажевата 2021 со новини токму во чест на тоа одбележување.

Иницијативата за националната платформа е со цел да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на великиот Конески и таа доаѓа од двете министерства – Министерството за култура и Министерството за образование и наука. Првата зимска школа на МСМЈЛК ќе се одвива на далечина преку платформата „Зум“ во времетраење од десет работни дена (секој ден по 4 часа), во периодот од 25 јануари до 5 февруари 2021 година (со вкупен фонд од 40 часа), и тоа е вистински влог во почнувањето на прославата на овој голем јубилеј.

На Првата зимска школа ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји (Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка). За наставата на оваа Првата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ ангажирани се лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство. Притоа организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато, и тоа напреднатото ги има и своите поднивоа – за јазик, за литература и за преведување). За своето учество посетувачите на Зимската школа ќе добијат и уверение, со што тие имаат можност да влезат во самата историја како први учесници на една ваква зимска школа на меѓународниот семинар. На отворањето на првата зимска школа пригодни видеообраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски и министерката за образование и наука, Мила Царовска, а поздравна реч ќе имаат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.