Прва средба на Заев со Гир по ветото во ЕУ


Премиерот Зоран Заев имаше средба со амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир на која му се заблагодари за помошта за надминување на пандемијата со КОВИД-19, преку дадената хуманитарна помош и финансиска поддршка.

Премиерот Заев подвлече дека Владата е цврсто посветена на својата агенда за интеграција во Европската Унија, што е стратешка цел на земјата, при што додаде дека заклучоците на Советот на ЕУ од март 2020 година, потврдија дека земјата е подготвена да ги отвори пристапните преговори со ЕУ.

Беше констатирано дека следејќи ги препораките содржани во Извештајот на Европската комисија за 2020 година, Владата прави силни напори да ги зајакне домашните ЕУ реформи на ефикасен и инклузивен начин. Покрај тоа, премиерот Заев изрази благодарност за планот за економски инвестиции усвоен од Европската Унија, како силен сигнал за посветеноста и поддршката на ЕУ за економскиот напредок на регионот на Западен Балкан.

Премиерот Заев и амбасадорот Гир се согласија дека треба да се направат сите напори за операционализирање на историската одлука на Европската Унија за отворање преговори со Северна Македонија, со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на 2020 година за време на германското претседателство со ЕУ.

Амбасадорот Гир исто така ја истакна важноста на постојаните напори за решавање на отворените билатерални прашања.

Од своја страна, Амбасадорот ја поздрави заложбата на Владата да продолжи да напредува во спроведувањето на реформите поврзани со Европската Унија, кои пред сѐ, се во интерес на сите граѓани, но и важни за приближување на Северна Македонија кон ЕУ.

Што се однесува до пандемијата предизвикана од КОВИД-19, амбасадорот Гир потсети на сеопфатната поддршка што ЕУ и ја дава на Северна Македонија во овој поглед, во областа на здравствената заштита и макрофинансиската поддршка и заштитата на работните места.

На средбата, беше заклучено дека економскиот и инвестициски план усвоен од ЕУ, кој го презентираше комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји во октомври, особено нуди перспективна поддршка на економското закрепнување од пандемијата преку значителни инвестиции во агендата за поврзување, зелената агенда, бизнисот и човечкиот капитал.

Меѓу другото, беше разговарано и за резултатот од Самитот на Берлинскиот процес, на кој Северна Македонија беше ко-домаќин со Бугарија на 10 ноември.

Амбасадорот ги поздрави преземените обврски за воспоставување заеднички регионален пазар заснован на принципите на единствениот пазар на ЕУ – слобода на движење на капитал, стоки, лица и услуги, при што беше истакнато дека овие активности ветуваат значителни придобивки, кои ќе произлезат од поголема интеграција во рамките на Западен Балкан и во ЕУ.

Соговорниците ја подвлекоа важноста на Зелената агенда на Западен Балкан на која лидерите се обврзаа и која постави патека за решавање на некои од најгорливите прашања во нашето време, вклучувајќи ги климатските промени, деградација на животната средина и губењето на биодиверзитетот.