Прва средба Димитров – Дендиас во Хелсинки


Финска – Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Дендиас ја остварија нивната прва средба на маргините на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската Унија и на земјите- кандидати за членство (GYMNICH) во Хелсинки.

Дендиас, во изјавата по разговорите со неговите колеги од ЕУ, за средбата со Димитров рече дека била околу Договорот од Преспа.

-Со господинот Димитров ја имавме нашата прва средба на која разговаравме за аспектите на имплементацијата на Договорот од Преспа. Јасно му ставив на знаење на господинот Димитров дека Грција ќе инсистира на строго спроведување на договорот, рече Дендиас.

Неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и „партнерите со Западен Балкан“ и Турција, организиран од  Федерика Могерини и финското претседателство со ЕУ, продолжува денеска во Хелсинки.

Централна тема на средбата ќе биде регионалната соработка додека тема на неформалниот работен ручек ќе бидат човековите права.

Дводневната средба на министрите за одбрана и министрите за надворешни работи на ЕУ почна вчера во Хелсинки, а денеска на нив им се придружија партнери од Западен Балкан.

„Сите шест партнери од Западен Балкан се поканети на овие разговори. Во прашање е неформална дискусија за сите заеднички надворешни и безбедносни аспекти на регионалната соработка и вклучувањето на сите партнери е неопходно и корисно“, се наведува во изјава на портпаролот на ЕУ.