Прва пресуда во Стразбур за осудените од „крвавиот четврток“?


Елена Доцевска Божиновска, член на Советот на Куманово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која во последните месеци од 2017 година беше притворена и одлежа неколку месеци во затвор поради учество во насилниот упад во Собранието на 27. април истата година, објави на Фејсбук дека ја добила битката пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

„Ја добивме битката во Стразбур! Може да забави, но не и да се заборави… После повеќе од 5 години, стигна првата пресуда за „27. април“ од Европскиот суд за човекови права!“ – пишува Божиновска на својот профил на Фејсбук, без да наведе повеќе детали за каква пресуда и за каква тужба станува збор.

Во времето на „Крвавиот четврток“ Елена Доцевска-Божиновска беше вработена во кабинетот на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, и беше една од 33 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок. Таа подоцна беше меѓу петнаесеттемина од обвинетите, кои беа опфатени со Законот за амнестија.

На судењето во ноември 2018 година во нејзин прилог сведочеше нејзина колешка, Светлана Наумовска, која рече дека таа се обидувала да ја смири топлата, а не ја насочувала и подбуцнувала, како што се тврдеше во обвинението. Откако толпата станала насилна, сведокот, Елена и уште двајца колеги од собраниските служби, кои биле дежурни, влегле во кабинетот на Трајко Вељаноски, каде бил и пратеникот Антонијо Милошоски и таму останале додека не биле евакуирани од полицијата.