Прва Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“ со учество на 18 уметници од земјата и странство
Осумнаесет уметници од Македонија и од уште осум земји од Европа, Азија и Северна Америка од денеска до 9 септември ќе творат во Охрид, во рамки на првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“.
Колонијата се одржува во рамки на програмата по повод 35 години од независноста на Република Македонија, а за првпат ја организира Општина Охрид, со цел да создаде нова меѓународна културна средба инспирирана од градот, Охридското Езеро и богатото природно и културно наследство.
На колонијата учествуваат уметниците: Анета Гајос, Наталија Студенкова, Ѓулај Јуксел, Мајкл Клоуз, Жужана Ардо, Раџат Субхра Бандопадхјај, Меџид Факиќ, Павлина Копано-Боботанова, Славица Танеска, Фехим Хусковиќ, Мирко Вујисиќ, Славко Упевче, Лидија Вујисиќ, Емел Махмуд, Никола Упевче, Андреј Антевски, Тони Попов и Емине Токмакаја.
Во текот на престојот во Охрид уметниците ќе создаваат дела инспирирани од градската архитектура, традиција, духовност и секојдневие.
Создадените дела ќе останат како трајна уметничка вредност за Охрид, а колонијата е замислена да прерасне во традиционална меѓународна културна манифестација.
Завршната изложба ќе се одржи на 7 септември во 19 часот во Лапидариумот при Куќата на Робевци.