Прва авансна исплата кон доверителите на Еуростандард банка, но состојбата е „далеку од розова“


После речиси две години, стечајната постапка на Еуростандард банка дојде до првата авансна распределба кон доверителите физички и правни лица, соопштија од Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка. Во соопштението упатено до медиумите се вели дека во стечајната маса до сега се собрани вкупно 50 милиони евра, кои се во постапка на исплата.

„Судскиот процес, почнувајќи од одлуката на Уставниот суд за укинување на приоритетното место за наплата на Фондот за осигурување на депозити, преку постапките што се водеа во Основниот и Апелациониот суд Скопје, резултатираа со крајна одлука да поголем дел од физичките лица доверители, оние чии депозити биле осигурани согласно закон, бидат обештетени во целост преку сегашната прва аванска распеделба од стечајната маса. Додека еден дел од физичките лица и сите правни лица доверители во банката се обештетија делумно, околу една третина од нивните депозити“, велат од Здружението „Правда за штедачи“ .

Преку бројки, нешто повеќе од 500 физички лица ги добиле назад своите заробени депозити во целост, додека останатите, повеќе од 100 физички лица и околу 2.000 правни лица, заедно со Фондот за осигурување на депозити како најголем доверител, останаа и понатаму да ги побаруваат своите депозити во стечајната постапка на Еуростандард банка, појаснуваат од Здружението.

Од таму велат дека „овој прв успех“ не би бил возможен без активната поддршка на медиумите.

Сепак, како што додаваат, состојбата во стечајната постапка на Еуростандард банка е далеку од розова.

„Официјалниот извештај за банката на денот на нејзиното затворање во август 2020 година вели дека во банката имало кредити во износ од 99 милиони евра, од кои околу 58 милиони евра ненаплатливи и тешко наплатливи кредити додека останатите 41 милиони евра биле редовни кредити. Во банката имало и околу 25 милиони евра во парични средства за резервации за лоши пласмани, кои заедно со наплатените дополнителни 25 милиони евра, најмногу од кредити кои можеле да се наплатат во текот на минатите две години, ја сочинуваат првата авансна распределба од 50 милиони евра“, се вели во соопштението.

Од Здружението „Правда за штедачи“  велат дека реалната состојба е таква да понатамошните приливи во стечајната маса се многу мали, а тоа ја прави понатамошната наплата многу неизвесна и крајно дискутабилна за сите оние кои останаа доверители во стечајната постапка на банката.

„Со други зборови, тие правни и физички лица должници кои можеле и сакале да ги вратат кредитите го направиле тоа до сега, додека недостатокот од оние 58 милиони евра нефункционални кредити, дадени и поделени на вересија и врз основа на измислени критериуми од страна на менаџментот на Еуростандард банка, и понатаму не можат да се вратат во банката. За тоа сведочат и многуте затворени или во стечај однесени фирми должници, каде остануваат ненаплатени речиси 60 отсто од кредитното портфолио на Еуростандард банка“, нагласуваат од Здруженито „Правда за штедачи“.