Прв симпозиум на Балканските вина во Скопје – заедничка винска маркетинг стратегија за земјите од Западен Балкан


Здружението „Вина од Македонија“ ве поканува да го проследите првото издание на Симпозиумот „Балкански вина“ којшто ќе се одржи на 19 мај 2023 од 11 часот, во просториите на М6 Едукативниот центар. Овој симпозиум истовремено претставува завршен настан на проектот поддржан од ОН ФАО и ЕБРД со кој се креираше заедничка винска маркетинг стратегија за земјите од Западен Балкан.

Симпозиумот ќе послужи како платформа за промоција на извонредната винска индустрија на Балканот помеѓу винските ентузијасти, меѓународните експерти од индустријата и регионалните винарии.

Свои обраќања ќе имаат Љупчо Николовски, македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; Милош Миловановиќ, претставник на Светската организација за храна и земјоделство при Обединетите Нации; Немања Гргиќ, претставник на Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД); како и Светозар Јаневски, претседател на здружението „Вина од Македонија“.

Првата панел сесија е насловена „Дали балканските вина се неоткриен скапоцен камен?“ на која реномирани светски новинари ќе ги споделат импресиите од петдневното патување низ земјите од Западен Балкан кое претходеше на оваа конференција.

Втората панел дискусија „Одржливо производство на вино – успешни модели и патот напред“, ќе се однесува на добрите италијански и македонски примери за одржливо лозарство и винарство кои може да послужат како примери за добра пракса за останатите винарии од регионот.

Настанот ќе се заокружи со голема дегустација на вина од шесте земји на Западен Балкан.