Прв самостоен концерт на „Брука“ во МКЦ


На 28 мај, во Младинскиот културен центар свој самостоен концерт ќе одржат „Брука“ и во рамките на настапот ќе го промовираат својот прв албум „До преѓе“.
-Ние од наша страна ќе подготвиме двочасовно музичко, автохтоно, македонско реге, позитивна вибрација и многу изненадувања, а од вас се очекува да дојдете и да уживате во звукот и атмосферата – најавуваат тие.
На сцената ќе се претстават во полн состав, и тоа: два вокала, гитара, бас, тапани, перкусии, клавијатури, труба, алт сакс, тенор сакс и тромбон.
-Ќе ги свириме песните од нашиот прв албум, но и некои нови од планираниот втор албум, кои се во процес на создавање. Секако ќе има и поддршка од неколку диџеи, како и специјални гости музичари кои биле и се дел од ова наше суштествување – велат од „Брука“.
Билетите во претпродажба може да се набават на билетарницата на МКЦ по цена од 200 денари, додека на денот на концертот ќе изнесуваат 300 денари.
Концертот ќе има и хуманитарен карактер и ќе бидат поставени штандови на кои ќе може да се донира храна или парични средства.
Од бендот апелираат дека сите хумани граѓани може да понесат грав, компир, кромид и други продукти што можат да ги донираат.
– Или донирајте средства за кои знаете дека ќе стигнат на вистинското место, а тоа е во стомакот на гладните луѓе од градот – додаваат тие.