Прв ПАЗАР.орг – да купуваме здрави, локални производи, а не увезени кои „патуваат“ илјадници километри


Последниве десет години се дадени една милијарда евра субвенции во земјоделството, а производители има се помалку. Потрошувачите, пак, наместо да купуваат домашни, локални производи со висок квалитет, повеќе се насочени кон странските производи. Увезуваме храна од 1.000, 5.000, 10.000 километри далечина, иако неколку километри од нас се произведува висококвалитетна храна, беше речено на денешната прес-конференција по повод првиот Пазар за органски производи – ПАЗАР.орг што ќе се одржува следните три саботи во „Јавна соба“.

 

Како што најавија организаторите, „Јавна соба“, првата задруга на потрошувачи на органска храна „Добра земја“ и е-продавницата „Бакалница.нет“, станува збор за урбано шопинг доживување кое ќе понуди свежи органски домати, краставици, пиперки, рукола, зелка, компири, но и органски јаболков оцет, маџун и кашкавал, а целта е да се подигне свеста кај граѓаните дека органската храна е поздрава, да се разбие стигмата дека е недостапна и скапа, како и да се поддржат домашните, локални производители.

Посетителите на Пазарот ќе имаат можност, не само да купат, туку и да дегустираат храна, како и органско вино од мали семејни винарии за кои никогаш не слушнале. Се тоа ќе биде зачинето со добра музика и мини игротека за деца.

– Идејата ни е промоција на производителите. Имаме и просветителска улога во целава приказна зашто треба потрошувачите да ги навикнеме на производи кои се произведени локално и кои се со висок квалитет. Индустриското производство е надминато. Се враќаме на вкусовите на нашите баби и дедовци, но со нови технологии, знаења и квалитет. Со Законот за малите произведувачи на храна се направија правилниците и од 2020 година веќе некои од малите производители добија сертификати. Речиси ниту еден производ нема бар код, се работи за мали, автентични серии на производство, но секој производ вреди повеќе од парите со кои се плаќа зашто во него се внесени традицијата и љубовта на производителот, изјави Владимир Куновски од е-продавницата „Бакалница.нет“ на мали, семејни производители, направени по традиционални рецепти, кои не можат да се купат во маркети.

Според модераторката на настанот, Ана Јовковска, ПАЗАР.орг има многу поголем и поширок концепт, а тоа е пред се пријателство со природата и поддршка на локалното, домашно органско производство.

-Ова се денови кои ги посветуваме на зелените еколошки идеи. Организаторите имаат иновативна иницијатива која поддржува грижа за здравјето на луѓето, зачувување на биодиверзитетот, грижа за природата, борба со хемиски тертираната храна, поддршка на локалното органско производство, а ќе има и донации за социјално загрозени лица – се што влегува во еколошките зелени идеи и одржливиот развој. Ова се работи кои во земјава се ууште ги туркаме со рака. Време е да стануваме се поеколошки свесни, за тоа што значи здрава органска храна и живеење во симбиоза со природата, истакна Јовковска.

Пазарот за органски производи ќе биде отворен во сабота, 19 јуни, во 10 часот на зелената тераса на „Јавна соба“, а ќе продолжи и следните две саботи, на 26 јуни и 3 јули. Според организаторите, редно е децата, посебно оние од Скопје, да пробаат непрскано јаболко или домат или барем да видат каков е нивниот изглед и по што се разликуваат од индустриските.