Прв пат по пет месеци, Австралија нема нови случаи на корона


Австралија во неделата за прв пат по речиси пет месеци не пријави нови дневни случаи на инфицирани со корона вирус, соопштија здравствените власти ослободувајќи простор за понатамошно ублажување на мерките за социјална дистанца.

Сојузната држава Викторија, епицентарот на корона вирусот каде што починаа повеќе од 90 отсто од вкупно 907 смртни случаи од КОВИД-19, не пријави ниту една инфекција и нема смртни случаи втор ден по ред.

„За прв пат од 9 јуни во Австралија нема трансмисија“, рече министерот за здравство Грег Хант. „Благодареностт до сите наши прекрасни здравствени и јавни работници и пред сè на Австралијците“, објави Хант на Твитер.

Брзите и ригорозни мерки во согласност со заедницата беа добра комбинација за запирање на пандемијата, така што не го оптоваруваше австралискиот здравствен систем.

Главниот здравствен службеник на Викторија, Брет Сатон, во неделата даде индикации дека ограничувањата за движење во државата може да се намалат во наредните денови, но повика на натамошно почитување.

„Да се видат 50.000 нови случаи во Франција, или како Белгија испраќа пациенти надвор од земјата затоа што немаат повеќе капацитет – тоа е она со што ќе се соочевме ако не воспоставивме контрола врз вирусот“, рече тој.

Од почетокот на пандемијата Австралија пријави нешто повеќе од 27.500 случаи.

Таа на почетокот реагираше брзо со затворање на границите и воведување мерки за социјално дистанцирање, како и масовно тестирање и следење на контактите.