Прв македонски филм што се снима според еколошки стандарди


Долгометражниот филм „Стела“, во режија на Стојан Вујичиќ, за кој започна снимањето на неколку локации во Скопје, е уникатен по неколку работи. Тоа е првиот македонски долгометражен филм наменет за деца, но е и прв филм што се реализира од еко и зелена продукција. Второво значи дека се применуваат светските еколошки стандарди и продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.
„Стела“ е приказна за едно куче – шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилично, но не е. Откако детето Никола ќе се обиде да се самоубие поради задевање во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствената која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.


Во филмот главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 12-годишниот Петар Маниќ (кој е за првпат на филм), Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.
Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Гого Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, а снимател на звукот е Срѓан Бајски.
„Стела“ е копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ (продуцент: Огнен Антов), Србија: „Акција Продукција“ (Продуцент: Јована Караулиќ) и Германија: „Моуна“ (Продуцент: Никол Акерман). Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за Филм на Република Македонија“, филмскиот проект поддршка доби и од „Филмскиот центар на Србија“, како и од приватни спонзорства.