Прв фестивал на македонскиот автомобилизам во Кавадарци


Во Кавадарци денеска ќе се одржи Првиот фестивал на македонскиот автомобилизам. 

Организатор на фестивалот е автомобилскиот Youtube канал – RPMmk, а целта е да се одбележи и промовира македонскиот автомобилизам како дел од македонската култура,  да се подигне сообраќајната култура, да се оддаде почит кон сите успешни автомобилисти и да се прикажат сите новитети во сферата на автомобилизмот.

– Фестивалот на македонскиот автомобилизам претставува возбудлива можност за прослава на автомобилската индустрија во нашата држава, за промоција на градот и државата. Промовирање на новитетите, предностите и можностите кои ги нуди секој автомобилски бренд. Зачувување на автомобилската историја во нашата држава како и поставување на нови граници и традиции, велат организаторите.

Најавуваат присуство на импортери на нови возила во земјава, олдтајмери, тјунинг возила, луксузни и уникатни возила, како и компании/сервиси кои нудат услуги за автомобили. Спортски легенди и спортски автомобили исто така ќе бидат дел од еднодневниот фестивал.