Прв билатерален шпанско-македонски форум во Скопје
Во пресрет на шпанското претседателствување со Европската унија, кое почнува од 1 јули, во Министерството за надворешни работи беше организиран прв билатерален форум со тинк-тенкови од оваа земја.
Целта на форумот е да се објасни долгогодишното шпанско отсуство во регионот, а особено во Македонија и да се престави актуелната политика на Мадрид кој стана силен поддржувач на приемот на нашата држава во Унијата. На форумот учествуваат претставници од три шпански тинк-тенкови и четири шпански универзитети , а ќе разменат ставови со политички претставници, дипломати и невладини организации од Македонија денес и утре.
Шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија во своето обраќање истакна дека шпанската влада покажа поддршка за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ и дека пред земјата е момент кој треба да го искористи за постигнување на својата цел.
-Се наоѓаме во многу специфични моменти, во една многу важна стратешка ситуација каде што се работи за суверенитетот. Ова е можност да се искористи моментот за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Мораме да го искористиме моментот важен за пристапувањето на Северна Македонија. И јас навистина го поддржувам, порача амбасадорот.
Според Игнасио Мулина од Кралскиот институт „Elcano“, Шпанија била отсутна пет века од регионот, што од внатрешни причини, што како резултат на случувањата на Балканот. Оваа политика на ниско присуство, според него, треба да се смени, а последните години биле значајни и позитивни, бидејќи покажале огромен потенцијал за политички, економски и контакти на ниво на граѓаните.
Како причини за резервираноста на Шпанија во последниот период тој ги спомена независноста на Косово која стана табу тема за Мадрид, рефлексијата на таа независност на политиката кон другите земји во регионот, големите финансиски кастрења на буџетот за развој на соработката и влегувањето на Хрватска, Бугарија и на Романија во ЕУ, што на некој начин го задоволило шпанскиот апетит за соработка со земјите тука. Според него, потенцијалот за партнерство сепак е огромен и Шпанија последните две години е силен поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија, колку и да ни звучи тоа реторички а не реално во моментов, поради отсуството на шпанскиот бизнис во земјата. Како можна точка за поттикнување на идната поблиска соработка тој ја посочи ЕУРОМЕД, група за соработна на ЕУ со јужните медитерански земји кои поради истата географија имаат многу заеднички интереси, а каде што според нив припаѓа и Македонија.
„Можен е голем прогрес во односите ако направиме извесни економски, политички и социјални чекори“, порача Мулина од Кралскиот институт „„Elcano“.
Чарлс Пауел од истиот институт посочи дека за првпат престојува во Македонија, факт што како што рече е „засрамувачки“ и има намера да го поправи. Тој не сњмета дека закажаните парламентарни избори во јули во Шпанија ќе бидат пречка за поголем ангажман како претседавач и го цитираше Џон Ленон според кого „жовотот е тоа што се случува додека го планираш “. Но, како што оцени, Шпанија секогаш била поддржувач на проширувањето на ЕУ и очекува дека ќе опстои на тоа како претседавач , а причината е што Шпанците ЕУ и демократијата ги гледаат како две страни на иста паричка, односно како нешто што не оди едно без друго.
„Шпанската влада е силен поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија“, рече тој додавајќи дека причината за тоа е многу едноставна – Зошто да не го сакаш за другите тоа што го сакаш и сметаш дека е добро за сопствената држава?“- рече тој додавајќи дека патот до членството не бил лесен и за нив.
„Шпанија аплицираше во 1977, а доби членство во 1986 година. Значи тоа беше долготраен процес и би сакал да нагласам дека шпанското општество и шпанските власти целосно ги поддржуваат вашите европски аспирации затоа што и ние сме биле на вашето место. Знаеме колку е тешко кога не сте дел од клубот, знаеме колку е тешко да бидете принудени понекогаш да усвоите одредени реформи коишто може да ви бидат болни, затоа што сите сме морале да ги усвоиме во одреден момент за наша сопствена придобивка а не само за да ја постигнеме целта за членство во ЕУ. Шпанското општество вклучително и граѓанскиот сектор ќе продолжат да ве поддржуваат“, вели Пауел.
Тој притоа нагласи дека еден од приоритетите на шпанското претседавање ќе биде и поддршката за Украина и потсети дека шпанското општество и Влада се покажаа на ниво на предизвикот и минатата година Шпанија издвои 0,4 проценти од својот БДП за воена и хуманитарна помош, а исто така згрижи и голем број украински бегалци, а има и меѓу 40 и 50 илјади украински деца кои се прифатени во јавниот систем на образование.
Домаќин на Форумот е Институтот ПРЕСПА, а доаѓа како заедничка иницијатива со Кралскиот институт Елкано од Мадрид. Форумот е поддржан од Министерството за надворешни работи, Европска Унија и соработка – Секретаријат за меѓународна соработка на Кралството Шпанија.

