Прв амбасадор, а веќе партиски – Игор Николов од советник на Мицкоски оди за прв дипломат во Париз

При толкав недостиг на доктори Владата реши да прати нефролог во дипломатијата, кој патем и работел за француската амбасада во Скопје


Игор Николов од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ

 

Премиерот Христијан Мицкоски денес на прес-конференција најави дека Владата донела одлука нов амбасадор на Македонија во Франција да биде Игор Николов, партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, инаку доктор нефролог.

Неговото име Мицкоски го соопшти во контекст на информацијата за советниците, која според него не е конечна и затоа не е објавена, посочувајќи го  Николов како негов советник за здравство кој сега оди на друга функција.  

Амбасадата на Македонија во Париз подолг период стои празна откако Виктор Димовски, поранешен директор на АНБ беше одбран за таа функција и ги помина процедурите, но на крајот извиси за функцијата. Неофицијално, амбасадата на Франција во Македонија неколкупати се пожалила и барала да биде испратен нов амбасадор бидејќи вака им е потешто да ја развиваат соработката. 

Инаку, Игор Николов е сѐ само не дипломат од кариера, иако во еден период, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт во времето на Никола Груевски, бил прв секретар во амбасадата на Македонија во Париз. Неговото име се спомнуваше и како можен иден директор на Клиничкиот центар ако бидат споени клиниките, што пак ја наметнува дилемата – при толкав недостиг на доктори во земјата зошто Владата го праќа во дипломатијата и каква допирна точка има нефрологијата со тоа.

Она што било веројатно пресудно да ја добие оваа позиција, покрај фактот дека завршил студии во Париз на Универзитетот Пјер и Марија Кири, е што од јануари 2021 година самиот навел дека бил советник за медицински прашања во амбасадата на Франција во Скопје, што е на некој начин и конфликт на интереси поради дилемата – дали во Франција ќе работи за нив или за нас, односно чии интереси ќе застапува? 

Николов инаку е и професор на Медицинскиот факултет и работи како нефролог, а во последниот мандат е и советник во Општина Бутел, па е виден како разнесува бадникови гранчиња и подароци со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот  Дарко Костовски. 

Ова именување е показател како ќе изгледа силната дипломатска мрежа што ја подготвува за странство Владата, нарекувајќи ја таа на владата на СДСМ катастрофална и наводно одбележана со скандали. (Н.В.)